Уставниот суд во 2004 година се прогласи за ненадлежен да оценува дали изборот на Сиљан Аврамовски за министер за внатрешни работи во Владата на Хари Костов е во согласност со член 97 од Уставот, кој нормира дека „со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“.
Примерот со Аврамовски, кој за министер дојде од директорското место во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР, е еден од оние што вечерва се користат во јавната дебата што се отвори по информациите дека ВМРО-ДПМНЕ го предлага армискиот полковник Драган Ковачки за шеф на МВР во техничката влада што треба да биде избрана на 3 јануари.

Уставниот суд утврди дека „во конкретниов случај оспорената одлука има карактер на поединечен акт, односно нема карактер на пропис во смисла на уставната одредба поради што и истата не може да биде предмет на уставно-судска оцена“.

Инаку, Судот постапувал по иницијатива на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој навел дека „изборот на Сиљан Аврамовски за министер за внатрешни работи со оспорената одлука, претставувал директно прекршување на член 97 од Уставот на Република Македонија каде е предвидено дека лицето кое раководи со Министерството за внатрешни работи мора да биде цивилно лице кое непосредно пред изборот било цивил најмалку три години“.
Од Хелсиншки навеле дека Сиљан Аврамовски, со оглед на фактот што од 2000-2003 година бил помошник на Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, а од 2003 до јуни 2004 година бил директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, не ги исполнува условите од член 97 од Уставот. Имено, Управата за безбедност и контраразузнавање согласно член 2 од Законот за внатрешни работи, претставувала орган во состав на Министерството за внатрешни работи, а раководните работници согласно член 24 од истиот Закон се сметале за овластени службени лица. Од овие причини, подносителот на иницијативата смета дека Сиљан Аврамовски немал својство на цивилно лице и со неговиот избор за министер за внатрешни работи директно се прекршувал член 97 од Уставот на Република Македонија, поради што предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука и нејзино поништување.
Но, Уставниот суд, со оглед на тоа што одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите, а во случајот станува збор за поединечен акт, ја отфрли иницијативата на Хелсиншкиот комитет.
„Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа не се регулираат никакви односи, туку поименично се наведуваат избраните од Собранието на Република Македонија членови на Владата на Република Македонија, кое нешто, според Судот, е право на Собранието на Република Македонија, а согласно член 68 став 1 точка 13 од Уставот на Република Македонија“, пишува во Решението на Уставен.
Судот решаваше во состав: Лилјана Ингилизова-Ристова, Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бајрам Положани, Игор Спировски и Зоран Сулејманов.
Хелсиншки реагираше и за изборот на Чавков
Хелсиншки реагираше и во 2015 година, при изборот на Митко Чавков за министер за внатрешни работи.
„Видно од кратката биографија на г. Чавков, тој од периодот април 2012 година до мај 2013 година работел на работното место ,началник на централните полициски служби во Бирото за јавна безбедност при МВР’. Согласно Член 97 од Уставот, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години. Според тоа, за да биде избран за министер, г. Чавков морал да биде цивилно лице најрано од април 2012 година. Имајќи предвид дека сè до мај 2013 година тој бил полициски началник, произлегува дека г. Чавков не го исполнува условот предвиден во Член 97 од Уставот“, реагираше Хелсиншки во мај 2015 година.

Потсетувајќи на Решението на Уставен суд во случајот со Сиљан Аврамовски од 2004 година, „Хелсиншкиот комитет укажува дека споменатото решение на Уставниот суд не смее да се користи како оправдување за неуставен избор на идниот министер за внатрешни работи и е подготвен евентуалниот избор на г. Чавков да го оспори пред Уставниот суд.“