Центар Жупа е седиште на истоимената општина, сместена на крајниот запад на земјава, близу Дебар. Ова е гимназијата „Ата“. Во неа учат 100-тина средношколци. Во овој клас правеа тест по хемија, предмет што го предава наставник по историја.
„Не е дозволено, се знае, треба да најдеме соодветен кадар, меѓутоа секоја година ние отвораме огласи ама никој не се заинтересира. Сигурно тоа произлегува од немање кадар по тој предмет.“ – изјави Аќиф Селман, директор на СОУ „Ата“- Општина Центар Жупа.
Регионот се соочува со недостиг од наставници, особено по природните науки, како физика, математика и хемија, а учениците законски не смеат да губат часови. Немаат ниту наставник по музичко, па тој предмет го држи наставникот по географија. Нему и онака му фалеле часови за да има полн неделен фонд од вкупно 20 часа за да зема цела плата. Несоодветни кадари предаваат и филозофија и латински.
Нивниот историчар предава хемија и во соседното основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Центар Жупа. Таму има уште поинтересна ситуација.
Турски чочек, пајдушко оро, шота се учи во играорната група на наставничката по историја Илза Карамети. Но, таа, иако со диплома по историја, предава и географија и музичко во паралелките на албански јазик.
Како испадна вие како историчар да предавате и музичко и географија?
„Ако го сакаш образованието, тогаш многу е лесно, предавањето е лесно, за мене е лесно, тоа е нешто што го сакам, значи тоа е музиката, a географијата се поврзува со историјата, историчарите и географите се заедно.“ – вели наставничката Карамети.
Фехми Скендер, кој е наставник по информатика, предава и математика и физика. Тој смета дека државата треба час поскоро да го реши проблемот зашто со несоодветни наставници, учениците се стекнуваат со слаби знаења и потоа тешко се решаваат да студираат, на пример, физика или хемија.
„Нестручниот кадар нема да даде стручни резултати. Тоа е општо правило во образованието. Секој си ја работи онаа работа која може најубаво да ја работи. А секој еден може да има само една таква работа. Сепак, она надополнување од други наставници, можеби, во моментот го решава проблемот, но тој станува се подлабок проблем за следните генерации.“ – смета наставникот Скендер.
Директорот на училиштето вели дека пред почетокот на секоја учебна година прават анализа за тоа со какви наставници располагаат за некако да ги покријат сите предмети.
„Така успеваме да го решиме тој проблем. Децата не остануваат без наставници. Децата мора да имаат настава. Дали ние ќе земеме стручњак или нестручњак, соодветен или несоодветен – децата мора да имаат настава.“ – изјави Музафер Сулејмановски, директор на ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“ – Општина Центар Жупа.
Раскажува дека кај младите во Жупа одамна има еден тренд – подобро ѕидар во Италија или Германија отколку наставник во родниот крај.
„Најдобрите наши ученици заминаа во Италија и Германија, заминаа во западните земји. Родителите им заминаа и си заминаја и тие. Сепак во тие земји каде што заминаа децата станаа работници, ѕидари, мајстори. Никој не се образува, ретки се тие случаи, ретки се случаите што завршуваат во Германији или Италија, нема.“ – додава Сулејмановски.
Десетина километри погоре од Жупа, во селото Новак, живее 22-годишниот Мукерим Асан. Тој решил да студира на Природно-математичкиот факултет во Скопје, наставна насока математика со физика. Така Центар Жупа ќе добие наставник по физика, а и тој ќе си обезбеди егзистенција.
„Кога јас учев во ова основно училиште, мене физика ми предаваше наставник кој имаше завршено за наставник по физичко, а тој што ми предаваше математика немаше ништо завршено, само со гимназија предаваше математика. Затоа си реков – ќе станам наставник по физика и математика.“ вели Асан.
Татко му го испраќа во Скопје каде живее во студентски дом.
По оваа приказна сепак погрешен би бил впечатокот дека ваква е состојбата само во оддалечените рурални средини. Ова е основното училиште „Кузман Јосифовски Питу“ во општина Кисела Вода, речиси во центарот на Скопје. Во него учениците неколку месеци беа без наставник по физика.
Наставничката уште од почетокот од учебната година е на породилно отсуство. Од училиштето ја известиле општината и Агенцијата за вработување, но замена не се нашла.
„Од Агенцијата за вработување на интервју ни посочија две личности меѓутоа и двата кандидата едноставно не сакаа да ја прифатат таа работа затоа што се работи за замена и се работи за недоволен фонд на часови.“ раскажува Мишела Николовска Милеска, директорка на ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ – Скопје.
За ангажманот, заменскиот наставник би добивал околу осум илјади денари месечно. На крај, тоа го прифатила Вецка Мартинова, која иако се уште е само апсолвентка, ги исполнува условите да биде наставничка по физика.
„Од тие колеги што дипломираа, а се многу мал број, на една рака се бројат, 80 насто од нив веќе се заминати во странство. Најмногу на магистерски студии, секој си гледа да избега. Тие што сме овде, што сакаме да останеме, кој може да се снајде, сепак, не би работел во просветителство. Би отишол да работи на друго место каде што ќе има поголема плата, дали во лабораторија или слично, зависи од насоката на која се насочил кога се запишал на физика.“ – вели Мартинова.
Факултетот по физика важи за еден од потешките, па Мартинова раскажува дека нејзините колеги постојано се прашуваат дали маката некогаш ќе им се исплати.
„Ги има тие размислувања – зошто полесно да не добијам повеќе пари. Ете, конкретно за информатика, зошто да не земам илјада евра плата и да си работам во канцеларија туку да одам да работам како професор за многу помалку. Од финансиска гледна точка државата е неблагодарана кон нас просветителите. “ – додава таа.
Мартинова има уште два испита на Прородно-математичкиот факултет. Таа му е колешка на Мукерим Асан кого претходно го сретнавме и снимивме во Центар Жупа. Мукерим се надева дека дододека дипломира местото во Жупа нема да му го пополнат со наставник од друг предмет.
„Нема кој да предава и сите одлучуваат да студираат на Педагошки факултет, полесно можат да го завршат и во иднина ќе бидат математичари, физичари и хемичари тие.“ – вели Асан.
Неговата колешка Моника Пешевска која паралелно студира астрономија и наставна физика, само привремено би работела како наставник. За неа, покрај финансиите, демотивирачки се и други аспекти.
„Во средните училишта во Македонија сметам дека на наставниците им е многу отежнат процесот во пренесување на своето знаење на децата. Конкретно за физика, науката бара многу поголем дел од времето да се посвети на лабораториските вежби каде што учениците вистински ќе ја осознаваат науката.“ – смета Пешевска.
Нивниот професор Александар Скепаровски неатрактивноста на просветата ја гледа во општествениот статус што сега го имаат наставниците. Во отсуство на официјални домашни анализи, тој посочува на истражување на Европската комисија за причините за недостиг на наставници во европските земји.
„Анализите покажуваат дека најголем дел од интервјуираните наставници како прва причина за изборот на професијата ја наведуваат љубовта кон професијата и дека финансискиот аспект е вториот. Дека сакаат да работат, сакаат да помогнат, сакаат да пренесат знаење и вредности на новите генерации. Но, како и секогаш, бидејќи станува збор за социолошки феномени, тоа не е баш така едноставно. Дополнителните истражувања, пак, покажуваат дека дел од наставниците потоа одлучуваат да ја напуштат таа професија и да поминат во нешто друго и тоа го прават од финансиски причини.“ – вели професорот Скепаровски.
Тој посочува дека и восоките стипендии од Министерството за образование за студии по дефицитарните професии од 300 евра месечно не помогнале многу.
Годинава на Институтот по физика дипломирале 4-ца студенти, а пред четири години, кога дел од нив започнувале со студии, се запишале 25-мина.
Во Агенцијата за вработување регистрирани се 17 невработени професори по хемија како активни баратели на работа, 8 по биологија и хемија и само 3-ца по физика на целата територија на државава.
„Не можеме да чекаме да дојде септември за да сватиме дека немаме наставен кадар. Треба посериозно да се пристапи кон овој проблем, да се направи сеопфатна анализа, односно Министерството за образование со училиштата да видат долгорочно каков наставен кадар им треба за да можат да ги креираат и своите наставни програми како би можеле да вадат наставен кадар кој што утре нема да биде дефицитарен.“ – вели Билјана Јовановска, директорка на Агенција на вработување на РМ.
Во Министерството за образование знаат дека училиштата ангажираат несоодветни кадри за наставници затоа што некој мора да предава. Министерот Арбр Адеми вели дека работат на модернизација на процесот на образование, а се креираат и поатрактивни студиски програми.
Како ќе мотивирате наставник да надополнува часови по хемија во најоддалеченото село во Центар Жупа за околу 5 илјади денари месечно?
„Ова е предизвик на националниот образован систем на Македонија, што повеќе да имаме кадри кои ќе бидат квалификувани во овие области толку помалку проблеми и предизвици за образованието во Македонија.“ – вели министерот за образвование Арбр Адеми.
Резултатите на меѓународното тестирање ПИСА, во кое Македонија е меѓу последнорангираните во светот, може да се испостави дека се и над знаењето што го добиваат учениците во училиштата, во кои историчари предаваат хемија, а среднисти математика.
Напишете коментар