Домаќинствата се убедливо најголемиот загадувач на воздухот во Скопје, покажаа повеќе научни студии. Автомобилите и другите транспортни средства учествуваат со многу помал процент.
„Дојдовме до сознание дека во однос на ПМ емисиите, направивме инвентар на емисии, и тој покажа дека 90% од емисиите доаѓаат од домаќинствата, а само 10% доаѓаат од тарнспортниот сектор“, вели Александар Дединец, научен соработник во МАНУ.
„360 степени“ на терен за да провериме – дали и како властите се справуваат со најголемите загадувачи – домаќинствата?
Со почетокот на ладните месеци, почнува и “расипаниот телефон“ помеѓу граѓаните, општините и градот Скопје – што смее, а што не смее да се користи за огрев. Гумите по правило котираат на највисокото место на забранети материјали, па не чуди што веста дека инспекторите на општина Гази Баба заплениле повеќе од два тона гуми планирани за палење беше доживеана како зрак ведрина во зачаденото скопско секојдневие. Повеќе од еден тон само во местото Вардариште, каде гумата е основен извор на топлина за осумдесетина ромски семејства, кои немаат за леб, а не пак за поквалитетен енергенс.
„На дивава депонија во Вардариште ја спроведовме првата акција во соработка со МВР и ЈКП Гази Баба 2007, и запленети се еден тон и 220 килограми отпадни гуми кои понатаму се предадени на овластен постапувач со отпадни гуми. Ние на 4-ти декември спроведовме и друга акција на улицата Методија Андонов – Ченто, десно пред бензинската на Макоил, каде исто живее ромско население, и таму запленивме еден тон и 50 килограми отпадни гуми, и истите се предадени како отпад во Екоциркон“, вели Катерина Ѓорѓиевска, комунален инспектор при општина Гази Баба.
Борис Георгиевски, градоначалник на Гази Баба, признава дека ова е само почеток на борбата со ложачите.
„Не е само Вардариште и посочената локација долж реката Вардар почнувајќи од Керамидница до Вардариште… тука е Кадриово маало, би рекол и Јурумлери, а имаме и уште неколку локации кои се регистрирани. Општинските инспектори и комунални редари согласно Законот за комунална чистота ќе спроведат дополнително набљудување и следење на можна злоупотреба, секако со одземање на секаков материјал кој би можел да се злоупотребува”, вели Борис Георгиевски, градоначалник на општина Гази Баба.
Ладни месеци ќе има уште, со тоа и работа за инспекторите. Камерата на “360 степени“ на различни локации во градот забележа чад со различна густини и во речиси сите темни нијанси… ги прашавме општините – како се справуваат со дивите ложачи?
Оние што ни одговорија, сите тврдат дека прават редовни теренски проверки и истовремено, се пожалија дека се соочуваат со проблеми.
„Имаме законски регулативи каде има мандатна казна од 50 евра, но ова население нема официјално место на живеење, па и да се напише таа мандатна казна, немаат ниту трансакциски сметки каде би се извршила наплатата… така што, повеќе делуваме едукативно“, вели Катерина Ѓорѓиевска, комунален инспектор при општина Гази Баба.
Од Ѓорче Петров ни рекоа дека се излегува на терен, но инспекторите немаат надлежност да проверуваат приватни домови.
За разлика од нив, Кисела Вода врши инспекција и во домаќинствата – регистрирале прекршоци кај две, но понатамошното постапување го префрлаат во рацете на Град Скопје.
Со свои предизвици е и Карпош – нивните диви потпалувачи најчесто се малолетни лица, па теренската проверка подразбира ангажман на повеќе институции.
Единствени не се пожалија во Аеродром – ни кажаа само дека изминатиот месец петнаесет пати била изречена опомена за палење оган, а три пати морала да интервернира и полицијата.
Одговорите изостанаа од Центар, Чаир, Бутел и Сарај.
И додека локалните самоуправи и институциите се бркаат низ надлежностите, граѓанските активисти гледаат со недоверба на нивната работа.
„Ние баравме да има редовни контроли, да бидат отчетни и да објавуваат барем на веб-страната… да речеме, една-две дневно или неколку акции неделно, а тие пак за целиот период имаат направено две-три акции и воглавно немаат капацитет… и законите до некаде ги кочат работите, треба и на државно ниво да се преземат активности за овие закони и нивните измени да се донесат по кратка постапка, за на терен да немаме “вадење“ на тоа како сме немале можност да делуваме врз некои работи“, вели Невена Георгиевска од О2 – иницијатива за заштита на природата и животната средина.
Додека и овој хаос во законите чека да биде расчистен, секојдневно се ложи и пред очите на законодавците.
Додека и ова поминува неказнето, клучната улога треба да ја одигра совеста на граѓаните…
„Тоа се најканцерогените супстанци – пластика, гума, се' се гори… голем дел од населението не е ни запознаен со тоа. Ги додаваат во шпоретите најверојатно за да ја зголемат калоричноста на на дрвата, но пред се' си штетат самите себеси, а потоа и на околината“, вели Невена Георгиевска од О2 – иницијатива за заштита на природата и животната средина.
Напишете коментар