Претседателот на македонско-бугарската комисија, Драги Ѓоргиев, во дебата на „360 Степени“, ја коментираше изјавата на бугарскиот европратеник Анреј Ковачев кој рече дека „во географската област Македонија, бугарскиот етнички елемент бил доминантен и луѓето се самоопределувале како Бугари, Цар Самоил е бугарски цар на бугарското царство, Григор Прличев е Бугарин“.
– Прашање е што значи терминот Бугарин во 1014 или 1016 година од кога датира Битолската плоча и што значи денес терминот Бугарин. Дали тоа што бил Бугарин Иван Владислав на Бугарската плоча значи дека и денешните жители на современата територија на Република Македонија, која во тоа време е во склоп на Самоиловото царство, сите тие луѓе тука се Бугари? И дали терминот Бугарин значи термин во етничка смисла, во национална смисла во која ние денес сфаќаме што значи Бугарин или Македонец? Дали значењето на Македонец или Бугарин денес, ние можеме 1000 години наназад да го проектираме и да кажеме – тоа е едно те исто? Бугарин во 1014 година и Бугарин во 2014 е едно те исто? Тоа е апсолутно неприфатливо за современата историска методологија, за теориите, за развојот на нациите. Тоа значи дека нациите се една група луѓе кои се создадени пред 2000 години и патуваат низ времето без притоа да имаат никаква еволуција, никакви промени?! Она што биле Македонците пред 2000 години од времето на Самоил и денес тоа е една те иста нација?! Истото важи и за Бугарите. Мора да внимаваме кога ги користиме изворите. Ние мора да ги толкуваме изворите во соодветен контекст, политички, временски, општествен, културен. Не може, ако тој бил самодржец на бугарската држава, ако таа Самоилова држава на територијата на современата денешна Македонија ја продолжува царската традиција на Првото бугарско царство, дека тоа е таа иста бугарска држава, дека тоа е истиот бугарски народ и дека сите што влегуваат во таа држава се Бугари. Тоа за современите сфаќања на нациите, за модерните сфаќања на нациите и идентитети е неприфатливо – рече Ѓоргиев.
Тој вели дека националните идентите се современи категории кои почнуваат да се создаваат во 19 и 20-от век на Балканот.
– Процесот на создавањето на современата македонска нација, на она денес што е современа нација, треба да се бара некаде во 19-от век, почетоците, прапочетоците на протомакедонизмот, а не да го бараме во времето на Александар Македонски – рече Ѓоргиев.
Тој го отфрли како неприфатлив бугарскиот пристап според кој до Втората светска војна сме биле еден народ, а дека потоа некој решил да направи нешто друго, да не оддели од Бугарите и со декрет да не направи Македонци.
Напишете коментар