Општината Центар во изминативе три години е присутна во медиумите поради мораториумот на дел од деталните урбанистички планови, но сепак на многу места е дозволено да се гради. Еден од новите објекти кои никнува на место на старите куќи е во населбата Водно, на улицата „Владимир Назор“, спроти Клиничкиот центар.
За жителите на ова маало зградата е спорна. Во Деталниот план сите објекти во линијата, па и новиот, се со параметри приземје, два ката и поткровје, со висина на венец од 10 метри и 20 сантиметри.

„За разлика од висината на другите објекти што се направени, видете колку е тоа погоре. Тоа што е сега тука направено, косина треба да има. Венецот е 10 м и 20 цм
објаснува пензионерот Слободан Димов, жител на населба Водно..И ова овде, во почеток што е со прозорите, беше косо направено, сега му текна како сака, така си го менува планот. Пак се надевавме дека од косина ќе добиеме малку сонце, но еве видете колку е саат, 11 и пол, а јас сонце веќе немам.“

Слободан Димов, пензионер кој 74 години живее во семејната куќа изградена на почетокот на 20 век, е најзасегнат од новата градба за која тврди дека се гради надвор од утврдените параметри. Додава дека објектот се градел во рамките на Деталниот план до лани, но потоа приказната добила нов тек.
„Објектот почна да се гради во првата половина на 2019 година. До 1.9.2019 година објектот се градеше по правило како што треба по урбанистичкиот план.
– Што значи тоа по правило?
– Па по урбанистичкиот план, значи не преминуваше висина. Кога требаше да се прави кровот, инвеститорот наместо да прави кров, пушти железна арматура за да прави столбови за да гради уште повеќе. Тогаш јас на 3.9 2019 поднесов пријава до градоначалникот на Град Скопје, пријава до Градежен инспекторат на Општина Центар, пријава до Секторот за урбанизам на Оштина Центар.“
вели Димов.
Тогаш, според кажувањата на Димов, градежните активности биле стопирани, сѐ до пред неколку месеци, кога инвеститорот пристигнал со документ за кој тврдел дека е дозвола од Општина Центар, со кој може да продолжи со градбата во висина.

На прашањата на „360 степени“, од компанијата инвеститор „Александер инвестмент“ потврдија дека се направени измени во текот на градбата.
„Измени во тек на градба се побарани и се добиени, а во тој период градбата не се одвиваше. По добивање на правосилност на ова одобрение, градбата се одвива согласно сите законски одредби добиени од Град Скопје, Општина Центар и Катастар“
велат од „Александер инвестмент“.

Од компанијата додаваат и дека зградата не ја надминува дозволената висина од 10 метри и 20 сантиметри до венец.
„Секоја дозволена висина согласно ДУП, а каде што е дозволено поткровје, се мери до венецот на зградата. Над венецот, а до висина на слемето (највисоката точка на кровот) се дозволени уште дополнителни 4,50 метри. Согласно ова, секоја маркица во оваа населба, па и нашата, може да има висина максимум 10,20 + 4,50 м = 14,70 метри. Нашиот објект не ја надминува оваа висина“,
објаснуваат од компанијата инвеститор.

Во одговорите од „Александер инвестмент“ не го споменуваат и другиот параметар во Деталниот план – катноста. А на терен е видливо дека објектот има еден кат повеќе од приземје, 2 ката и поткровје.
Архитектката Ивана Топaловска-Јовичиќ, која и самата е засегната, обвинува дека е очигледно дека е прекршен прво параметарот за катност, и тоа со амин на Општината.
„Деталниот урбанистички план пропишува два параметри со кои се регулира висината на градба. Дозволената висина на венец, што тука е 10,2 метри, и катност на објектот во случајов п+2+поткровје. Е сега, во овој случај, двата параметри се прекршени, односно катноста е п+3 ката + поткровје, за што Општината тврди дека дополнителниот кат го дозволила како мезанин или технички кат.“
вели Ивана Топаловска-Јовичиќ, архитектка и жител на населбата Водно.
За да го докажат прекршувањето на параметарот висина, односно венец повисок од 10 метри и 20 сантиметри, соседите барале увид од надлежните инспекции. Без реакција од нив, мереле самите и измериле значително отстапување.

„Висината на венец што е 10,2 метри е надминат и во случајов е 11 метри. Оваа висина ние сами ја измеривме, бидејќи и покрај пријавите во инспекциите на Општината Центар и дури и во Државниот градежен инспекторат на терен не е излезено да се утврди оваа фактичка состојба“,
додава Топаловска-Јовичиќ.
Освен што инспекторите не можат да ги извадат на терен, жителите не успеале да издејствуваат и привремен прекин на изградбата. Нивната петиција од 30 потписи не поминала пред Управниот суд. Во меѓувреме, инвеститорот си гради бидејќи, како што тврди, ги обезбедил сите документи од надлежните институциите.
А, дали градежен инспектор излегол на терен да ја измери висината до венец и како зградата добила уште еден кат, на име мезанин, прашавме во Општината Центар. Иако најавија, од кабинетот на градоначалникот Саша Богдановиќ не добивме одговори.

Во меѓувреме, Слободан и другите жители на улица „Владимир Назор“ велат дека нема да се откажат од правото на хумано живеење. Најавуваат дека ќе ги искористат сите правни механизми и апелираат Општината да не дозволи Водно да се претвори во ново Дебар Маало само за да ги задоволи градежните апетити.