И покрај многубројните јавни изјави на актуелниот претседател во врска со интегритетот на процесот на гласање по пошта, бројот и обемот на наводните и пријавените случаи на измама поврзани со гласачките ливчиња на овие гласачи се занемарливи, се вели во прелиминарниот извештај на набљудувачите
Меѓународните набљудувачи од ОБСЕ, кои ги надгедуваат претседателските избори во САД, ги нарекоа „неосновани“ тврдењата на актуелниот претседател и кандидат за уште еден мандат, Доналд Трамп, за нерегуларности во гласањето и истакнаа дека тие ѝ нанесуваат штета на јавната доверба во демократските институции.
Организацијата, чија членка се и САД, во прелиминарниот извештај објавен денеска оцени дека самото гласање било конкурентно и добро управувано и покрај правните несигурности и логистичките предизвици.
Покрај позитивните оценки, од друга страна, ОБСЕ констатира дека правни предизвици и тврдењата за изборна измама без докази, кои се појавија подоцна, создадоа забуна и загриженост кај службениците кои ги спроведуваат изборите и кај гласачите.
Исто така, ОБСЕ ги критикува тврдењата на Трамп за неправилности при гласањето.
„Неоснованите обвинувања за систематски недостатоци, особено од актуелниот претседател, вклучително и во изборната ноќ, ѝ штетат на јавната доверба во демократските институции“,
се вели во прелиминарниот извештај.
ОБСЕ го пофали ангажманот на претставниците на изборните тела низ целата земја, кои придонеле за поголема излезеност „и покрај предизвиците од пандемијата со ковид-19“, отфрлајќи ги притоа критиките на претседателот Трамп за системот за гласање по пошта.
„И покрај многубројните јавни изјави на актуелниот претседател во врска со интегритетот на процесот на гласање по пошта, бројот и обемот на наводните и пријавените случаи на измама поврзани со гласачките ливчиња на овие гласачи се занемарливи“,
се вели во извештајот.
Трамп ги обвини демократите за кражба на изборите, без да наведе докази и најави дека резултатите ќе бидат оспорени пред Врховниот суд на САД.
Изборниот штаб на Трамп веќе почна да го спроведува она што го предлага американскиот претседател со недели, дека тој ќе го доведе во прашање интегритетот на изборниот процес во оние сојузни држави кои можат решително да влијаат на неговиот пораз на изборите.
Правниот тим на американскиот претседател поднесе тужби против изборниот процес во Пенсилванија, Мичиген, Џорџија и Невада, барајќи подобар пристап на набљудувачите на Трамп до локациите каде што се бројат гласачките ливчиња и се доведуваат во прашање гласовите добиени по пошта.
Трката сѐ уште е неизвесна
Победникот сѐ уште не е познат во пет држави, Пенсилванија (со 20 електорски гласа), Џорџија (16), Северна Каролина (15), Невада (6) и Алјаска (3).
Од нив зависи кој од двајцата кандидати, Бајден или Трамп, прв ќе стигне до 270 електорски гласа во Изборниот колеџ кој го одредува победникот.
Во Аризона, Бајден води со околу 64 000 гласа, а досега се изброени 84 отсто. Тука, пак, Трамп му се приближува на противкандидатот.
Бајден е во водство и во Невада, каде што се преброени 86 отсто од гласовите.
Според податоците што ги објавуваат американските медиуми, се топи предноста на Трамп и во Пенсилванија, која исто така е една од клучните држави. Таму вчера предноста на Трамп беше 600 000 гласа, а сега, на преброени 89 отсто, таа е 150 000 гласа.
Според тамошната служба за односи со јавност, досега од околу половина милион гласови на лица што гласале предвреме, лично или по пошта, преброени се 356 000, при што од нив 177 019 биле за Бајден, а 173 467 гласа за Трамп.
Остануваат уште околу 129 000 гласа кои според најавите од сојузните влади ќе бидат избројани денеска.
Во Џорџија, исто така, предноста на Трамп е само 23 000 гласа на изброени 95 отсто, и остануваат да се пребројат уште околу 50 000 гласа.
Во Северна Каролина, откако беа обработени 94 проценти од гласовите, Трамп има 50,1 процент, а Бајден 48,7 проценти.
Алјаска е традиционално упориште на републиканците, а победата на Трамп во таа држава не е доведена во прашање.
„Секој глас мора да се изброи“,
објави денеска Бајден на Твитер, проследени со видео на кое се прикажани двајца кои гласаат.
Every vote must be counted. pic.twitter.com/kWLGRfeePK
— Joe Biden (@JoeBiden) November 5, 2020
Претходно, американските медиуми објавија дека поддржувачи на американскиот претседател Трамп, од кои некои се вооружени, се собираат пред центрите за броење на избирачките ливчиња за претседателските избори.
Во некои држави, каде што води актуелниот американски претседател, демонстрантите бараат да се стави крај на броењето, а во други, каде што заостанува – да продолжи.
„Њујорк тајмс“ пишува дека Министерството за правда на САД им соопштило на федералните обвинители дека законот ѝ дозволува на владата да испраќа вооружени полицајци во центрите за броење.
Мичиген, Висконсин и Пенсилванија беа клучни држави на претходните избори во 2016 година. Во секоја од нив, Трамп ја победи демократската кандидатка Хилари Клинтон за помалку од еден процент.
Бајден досега победи во 22 од 50 сојузни држави и дистриктот Колумбија. Тој доби повеќе од 71 милион гласа – најмногу во историјата на претседателските избори во САД.
Како се движат резултатите во живо, може да следите на интерактивната мапа подолу.