Владата ја предлага министерката за правда, Рената Дескоска, да биде претставничка на С Македонија во Венецијанската комисија на местото на професорката Тања Каракамишева чиј мандат истекува наскоро.
Номинацијата на социјалните мрежи ја прокоментира и Дескоска Алудирајќи дека нема ништо спорно што таа е дел од Владата бидејќи многу земји во Венецијанска испраќаат функционери за свои претставници.
„Се надевам дека од јануари, по истекот на мандатот на постојниот член на Венецијанската комисија, ќе можам да придонесам за целосно хармонизирање на нашето законодавство со европското. Земјите кои често праќаат закони на мислење до Венецијанската комисија, избираат да номинираат за свои претставници министри, заменици министри или државни секретари, доколку истите ги исполнуваат условите, заради подиректна соработка со комисијата и целосна и искрена размена на ставови. Таков е примерот на Црна Гора која за свои претставници ги има министрите за правда и за надворешни работи, Србија чиј претставник е заменик министерот за правда, Романија, Унгарија… Секако, во моментов одлуката на Владата е само номинација”, посочува Дескоска на нејзиниот Фејсбук профил.

Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа и од неа изминатиот период земјава често добиваше препораки и кротки за усогласување на домашното со европското законодавство.