САД е втора земја по Кина по емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина
Претседателскиот кандидат Џо Бајден најави дека ако победи ќе ги врати САД во Договорот
По три години одложување, САД денеска станаа првата држава во светот што официјално се повлече од Парискиот договор за борба против климатските промени.
Претседателот Трамп овој потег го најави во јуни 2017 година, но според регулативата на ООН, неговата одлука можеше да стапи во сила дури денес, ден по изборите во САД.

САД е најголемата светска економија и втора земја, по Кина по емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина.
Парискиот договор беше потпишан во 2015 година од речиси сите земји за да се зајакне глобалниот одговор на заканата од климатските промени.
Целта е да се задржи глобалниот пораст на температурата во овој век далеку под 2 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа и да се продолжи со напорите да се ограничи зголемувањето на температурата за дополнителни 1,5 Целзиусови степени.
Строги правила за повлекување
Во пресрет на разговорите за климатскиот договор, преговарачите на претходникот на Трамп, претседателот Барак Обама сакаа да осигураат дека нема да биде лесно САД да се повлечат од ваквиот договор доколку има промена на власта.

И покрај тоа што договорот беше потпишан во декември 2015 година, тој стапи на сила речиси една година подоцна, на 4 ноември 2016 година, откако најмалку 55 земји (кои учествуваат со 55% од глобалните емисии) го ратификуваа.
Правилата се дека ниту една земја не може да го напушти договорот се додека не поминат три години од датумот на ратификацијата.
Дури и тогаш, секоја земја-членка сè уште мора во ООН да најави напуштање една година однапред. Тоа, САД го направија лани во ноември, со што денеска повлекувањето влегува во сила.
Што значи ова за Договорот?
САД сега учествуваат со околу 15% од глобалните емисии на стакленички гасови, но тие се истовремено најголемата и најмоќната економија во светот.
Кога станува збор дека единствената земја што се повлекува од глобалното решение на еден глобален проблем, тоа го отвора прашањато за доверба, коментираат експертите.

Во последните три години, американските преговарачи присуствуваа на разговорите посветени на климатските промени во ООН, но администрацијата на Трамп ги користеше овие настани за промовирање на фосилни горива.
„Да се биде надвор формално, очигледно му штети на угледот на САД. Ова ќе биде втор пат САД да бидат примарна сила што преговара за нов договор за климата – со Протоколот од Кјото кој никогаш не го ратификувавме и Парискиот договор кој го напуштивме. Значи, мислам дека очигледно е проблем“,
вели Ендру Лајт, поранешен висок функционер за климатски промени во администрацијата на Обама.
Овој потег ја доведува администрацијата на Трамп во судир со сите сојузници и главните опоненти за прашањето на климатските промени.
Трамп ги повлече и сите еколошки прописи, истакнувајќи оти тие го кочат бизнисот и овозможуваат предност на другите држави. Тој повеќе пати ги оспоруваше научните факти за климатските промени.
„Дефинитивно ова е голем удар врз договорот од Париз. Ние работевме многу напорно за да осигуриме дека секоја земја во светот може да пристапи кон овој нов договор. Со губење на еден член, чувствуваме дека во основа не успеавме“,
вели Карлос Фулер, од Белизе, водечки преговарач за Алијансата на малите островски држави во разговорите на ООН.
САД може да се вратат во Договорот
Прашањето што многумина си го поставуваа и тогаш и сега е, дали може САД повторно да се приклучат на Договорот? Да, можат.
Всушност, додека ова беше најава и во предизборната кампања на кандидатот на демократите, Џозеф Бајден кој рече дека ќе се обиде повторно да ги врати САД во договорот што е можно побрзо – ако биде избран за претседател.

Според правилата, се што е потребно е известување еден месец порано дека земјата сака да се врати во Договорот.
Сепак, дури и ако САД се одлучат повторно да го направат тоа, нема да остане без последици, бидејќи тие сепак ќе бидат надвор од него и надвор од сите правила неколку месеци.
Велика Британија и ЕУ и генералниот секретар на ООН планираат на 12 декември, на петтата годишнина од завршувањето на преговорите за Парискиот договор да организираат настан на кој САД нема да може да учествуваат.