Tоа се т.н. Оксфордска вакцина на „АстраЗенека“ и вакцината на германскиот производител „БиоНТек“. И двете вакцини се доставени до Европската медицинска агенција која треба да го започне процесот на одобрување
Итната потреба што се јави за развој на ковид-19 вакцини ја насочи светската научна заедница да ги искористи претходно развиените платформи за вакцини против други хумани коронавируси, како САРС и МЕРС, но и кон други вирусни болести како ХИВ, инфлуенца, зика, ебола и други, вели професорката на Фармацевтскиот факултет при УКИМ, д-р Александра Грозданова, која е и претседателка на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство.
Во нејзиното предавање на стручен симпозиум во врска со развојот на вакцини против ковид-19, д-р Грозданова појасни дека се развиваат пет различни модели на ковид-19 вакцини.
„Секој од овие модели-кандидати за вакцини имаат свој специфичен механизам на активација на имунолошкиот одговор. Сепак, основната цел е истовремена стимулација на создавање на врзувачки односно неутрализирачки антитела и активирање на Т-клеточниот имунитет кој е најизразен и најдолготраен кон САРС-КоВ-2 вирусот. Односно да имаме истовремена активација на клеточниот и хуморалниот имун одговор“,
вели Грозданова.

Од Светската здравствена организација, како што вели Грозданова, на 10 септември споделиле информации дека до тој момент има над 300 кадидатски вакцини. Од тие, 202 се во експериментално тестирање, 74 се во предклиничка фаза, а 26 до тој момент биле во фаза на клиничко испитување, од кои, пак, 10 во последната трета фаза.
„Важно е да се истакне дека овие десет вакцини кои се во трета фаза ги имаат поминато сите претходни фази и веќе се испитуваат на голем број доброволци од 5 илјади до 30 илјади. Доколку се помине и оваа фаза влегуваат во постапка за евалуација на ниво на регулаторните медицински агенции, по што следува нивно лиценцирање односно одобрување за употреба“,
додава Грозданова.

Според неа, периодот за евалуација и лиценцирање во т.н. нормални услови вакцините е од седум до 10 години. Но, во оваа ситуација и поради итноста на вакцина против ковид-19, но и поради тоа што овие платформи се веќе користени, тој период значително се скратува. Вака дизајнираниот процес, сепак, обезбедува безусловно и комплетно следење на ефикасноста и безбедноста на вакцините во секоја од фазите.
Грозданова вели дека две вакцини се стигнати до административна фаза, а следна ќе биде фазата на одобрување. Tоа е таканаречената Оксфордска вакцина на „АстраЗенека“ и вакцината на германскиот производител „БиоНТек“. И за двете вакцини се доставени документи од Европската медицинска агенција која треба да го започне процесот на одобрување.