Премиерот и претседателот тврдат дека немаат информации за т.н. бугарски компромис, за кој денеска јави „Политико“ од Брисел
Нашата позиција е јасна, ние не отстапуваме од идентитетот и јазикот, безрезервно ќе ги браниме, рече претседателот на државата Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање во врска со написот на „Политико“ дека е предложен „бугарски компромис“, кој предвидува официјална Софија да ги признае македонскиот идентитет и македонски јазик, како еден од официјалните во земјата, а за возврат Скопје да признае дека идентитетот и јазикот имаат „бугарски темели“.
И претседателот Пендаровски и премиерот Зоран Заев велат дека нема да има отстапка од идентитетот и јазикот, но не сакаа да го коментираат овој предлог бидејќи, како што рекоа, вакво нешто нема стигнато до нив.
„Треба да го видиме предлогот, па потоа да се произнесеме. Јас кажав дека ние таков предлог не сме добиле и не можам да коментирам такво нешто“,
рече Пендаровски.
Заев вели дека Грција го призна нашето право на самоопределување, а и Бугарија е пријателска земја која јавно изјавува дека го признава македонскиот народ.
„Очекувам дека Бугарија ќе направи конкретен, прецизен чекор. Имаме успеси со изнаоѓањето решенија за многу историски личности. Мора да водиме грижа за двете страни за да постигнеме компромис. Сакам да потврдам дека меѓусебното разбирање не носи на она што го имаме, а е реалност, факт е дека имаме заедничка историја. Ако бидеме паметни, со фокус кон иднината, заедничката историја можеме да ја искористиме како убава можност за да постигнеме компромис“,
рече Заев.
Додаде дека ако има потреба од усна или писмена изјава, декларација – ќе се појаснат ставовите.
„Бугарија не сака нов договор ниту анекс. Очекувам Бугарија да продолжи да биде првиот и најголем поддржувач. Следен чекор е првата меѓувладината конференција која ќе значи ново поглавје за нашата земја“,
рече Заев.
Пендаровски рече дека црвените линии од нашата страна се јасно поставени и убеден е дека највисоките бугарски раководители се сигурни дека македонските нација и јазик се реалност и дека ќе го прифатат тоа.
„Ние ќе ја повториме нашата црвена линија. Не нè прашувајте што мислат другите, прашајте нè за нашата позиција, а таа е јасна. Преговори за идентитетот и јазикот немало ниту во преговорите за преспанскиот договор. Од тие наши позиции нема да отстапиме. Ова се наши ставови и безрезервно ќе ги браниме. Ако секој се држи до своите позиции, како ќе се најде компромис? Исто како што се најде со Грција“,
рече Пендаровски.