Според високо позициониран дипломат, компромисот предвидува Софија да ги признае македонските јазик и идентитет, а Скопје за возврат да ја признае „историската вистина“ – дека темелите на идентитетот и на јазикот се бугарски
Официјална Софија ќе го признае македонскиот идентите и македонски јазик, како еден од официјалните во земјата, а за возврат Скопје ќе признае дека идентитетот и јазикот имаат бугарски темели. Ова, според бриселски „Политико“ е т.н. бугарски компромис, кој ќе овозможи официјален старт на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ.
Во кусата вест што ја објави „Политико“, повикувајќи се на високо позициониран дипломат, се посочува дека прашањето е отворено на вчерашниот состанок на амбасадорите на ЕУ, кога „макотрпното прашање на историската вистина или вистините на Западен Балкан повторно се појави, овој пат во форма на бугарски компромис, што ќе овозможи започнување на официјални разговори со Северна Македонија“.
„Што има во договорот: Бугарија ќе го признае македонскиот како еден од официјалните јазици на земјата и ќе признае македонски идентитет. За возврат, Северна Македонија ќе треба да ја признае ‘историската вистина’, како што е дефинирана од Софија и да признае дека има бугарски темели врз кои е создаден македонски идентитет и официјален јазик“,
објави „Политико“.
Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева изјави вчера дека тимовите на министерствата за надворешни работи на двете земји се во постојана онлајн-комуникација за решавање на преостанатите прашања.
„Во секојдневни преговори сме. Денес тимовите на нашите министерства за надворешни работи се обидуваат да ги решат спорните прашања, така што гледаме напред. Но, малку време останува. Преговорите се интензивни“,
рече Захариева.