Бугарија не може да ги промени своите позиции затоа што има декларација на Парламентот и одлука на Влада, изјави бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, одговарајќи на новинарско прашање, за тоа дали Софија ќе ги промени позициите по однос на преговарачката рамка за С Македонија содржани во објаснувачкиот меморандум во кој се оспоруваат меѓу другото македонскиот јазик и нација.
За ставот на Брисел, тој рече дека тоа е проблем на Унијата, а не наш.
Тој ова го изјави по работниот појадок во МНР организиран во рамки на македонско – бугарското претседавање со Берлинскиот процес а која денеска е на дневен ред на КОРЕПЕР – Комиетот на постојани претставници во Брисел.
Амбасадорот Ангелов го избегна прашањето, дали е извесно бугарско вето за првата меѓувладина конференција до крајот на годинава доколку историчарите на двете земји во Мешовитата комисија не успеат да постигнат договор по отворените прашања, посочувајќи дека денешната средба е фокусирана на Берлинскиот процес.
„Имаме големи очекувања дека Берлинскиот процес ќе донесе приближување помеѓу администрациите на двете држави затоа што како копретседавачи очекуваме резултати од средбите на министрите за внатрешни работи преку министрите за социјална заштита, министрите за здравство и министрите за надворешни работи. Двете администрации требаше да работат заедно. Дојде ковидот и тоа ги помати плановите, но и покрај тоа сметам дека на крајот ние ќе успееме да постигнеме некакви резултати кои ќе бидат видливи и ќе придонесат за регионот и за неговото приближување кон ЕУ“,
рече Ангелов.
Истовремено, германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, која исто така учествуваше на настанот, денеска ја повтори позицијата на нејзината земја дека цел на германското претседателство со ЕУ е одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годинава, што е во интерес на сите вклучени страни.
Германската амбасадорка рече дека ЕУ не треба да се меша во, како што вели, разликите помеѓу земја – членка и земја кандидат за членство, кои според неа се прашања кои се решаваат билатерално.