За да не се повторат афери со прислушувањето, реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во земјава предвидува надзор и контрола врз институциите овластени за следење на комуникациите.

Според законот, контролор, покрај соодветната собраниска комисија, е и Советот за граѓански надзор. Ова тело, избрано од Собранието, на барање на кој било граѓанин, може да провери дали тој е нелегално прислушуван. Но, и по речиси две години од формирањето Советот за граѓански надзор, не функционира.
За претседателка на Советот беше избрана поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, а за нејзин заменик универзитетскиот професор Гордан Калајџиев. На оваа конференција за реформата во безбедносно-разузнавачкиот сектор, што се одржа во декември минатата година, двајцата објаснија со што се соочуваат.

„Законодавецот пропуштил на овој Совет да му даде средства за работа“,
рече Цаца Николовска.

„Од првиот состанок немаше доверба во групата во МВР врз граѓанскиот сектор. Се сметаше дека тоа ќе бидат леви сметала коишто ќе одат низ тајните служби и ќе прават проблеми“,
рече Калајџиев.
„Во законот стои само дека просторните услови за работа на Советот ги обезбедува Собранието, а финансиските средства за работа на Советот се обезбедуваат од буџетот на Република Македонија. Како тие средства ќе се префрлат од буџетот на Советот, не е одредено“,
рече Цаца Николовска.
„Цело време бевме во дилема да го баталиме ова, да си дадеме оставки, но чувствуваме одговорност“,
рече Калајџиев.
„Кој било да сака да се обрати до Советот нема можност тоа да го направи. Немаме интернет-страница, немаме ништо“,
рече Цаца Николовска.
Цаца Николовска и Калајџиев ги посетиле буквално сите релевантни институции – шефот на државата, министри, директори… Од ресорот финансии и од државната ревизија им рекле дека законот можеби не е најпрецизен, но и дека остава простор за буџетските средства да му се стават на располагање на Советот.
„Постоеше можност да се ефектуираат тие средства. Средствата во двата буџета во 2019 и во 2020 година беа обезбедени, меѓутоа не беа искористени тие средства“,
вели Цаца Николовска.
Советот не проработи, а Цаца Николовска, Калајџиев и уште еден член на ова тело во јуни си поднесоа оставки.
„Ако било тоа таков проблем, зошто во тоа време не се реагирало и зошто е донесен ваков неквалитетен закон? За нив неквалитетен. За мене со едно пошироко толкување, Собранието како врв на пирамидата, а Советот како тело избрано од Собранието, а формирано со закон, можеше средствата да бидат лоцирани и овозможени за работење на ова тело“,
вели Цаца Николовска.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека токму поради овој проблем биле иницирани законски измени.

„Измените и дополнувањата беа во претходна процедура. Предвидуваа и надомест за ангажманот на членовите на Советот. Но, за жал, тие измени не се усвоија во Собранието, не добија двотретинско мнозинство и остана ситуацијата статус кво на работата на Советот“,
вели Талат Џафери, претседател на Собранието.
Според актуелниот Закон за следење на комуникациите, секој граѓанин што се сомнева дека е нелегално прислушуван, испраќа претставка до Советот за граѓански надзор. Советот бара од собраниската Комисија за надзор над следењето на комуникациите да изврши надзор за да се осигура дали телефонскиот број на граѓанинот е или бил незаконски следен во последните три месеци. Комисијата во рок од 15 дена доставува известување до Советот – дали е или не е констатирана злоупотреба. Советот го известува граѓанинот, а ако е констатирана злоупотреба, и обвинителството. По претходна најава, Советот може и самиот да влезе во Оперативно-техичката агенција (ОТА) и во овластените органи, но за разлика од пратениците кои добиваат пристап и до т.н. логови, членовите на Советот може само да го споредат бројот на судски наредби со бројот на телефони што се следат.
Пратеникот од претходниот состав на парламентот од владејачкиот СДСМ, Хари Локвенец, објаснува дека со иницираните измени во законот требало да се вметне член со кој технички ќе се додефинира како Советот може да ги користи средствата од буџетот и со тоа да се откочи неговата работа. Но, според Локвенец, донесувањето на измените било блокирано кога од ВМРО-ДПМНЕ побарале Советот за граѓански надзор да биде целосно независен во контролата.

„Опозицијата побара таа Комисија да биде исклучена од тој процес на поплаки и утврдување на оправданоста на поплаките од страна на граѓаните што апсолутно сметам дека е недозволиво и не само што е апсурдно, туку и отвора можност за зголемени сомнежи или продолжување на сомнежите од страна на граѓаните кон процесот кој ни е исклучително важен“,
вели Хари Локвенец, поранешен пратеник од СДСМ.
Тогаш претседател на Комисијата за следење на комуникациите беше Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека, покрај техничките, неопходни биле и суштинските измени што ги предлагале.

„Тие измени на Советот му даваа повеќе одврзани раце, бидејќи според моменталниот закон Советот одговара на претставки од граѓаните со тоа што таа претставка ја препраќа до собраниската Комисија, а собраниската Комисија врши надзор. Измените беа во насока и Советот да може со целосен капацитет да прави проверки, бидејќи ако не му дадеме одврзани раце, ние праќаме порака дека се сомневаме во капацитетот на граѓанскиот Совет и тогаш немаме паралелна контрола“,
вели Емил Димитриев, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Постоечките законски можности за надзор се површни, смета Магдалена Лембовска од невладината организација „Еуротинк“.

„Овој Совет нема пристап до конкретните телефонски броеви коишто се предмет на следење, односно само гледа анонимизирани податоци, така што самото индивидуално поднесување претставки е целосно беспредметно и бесмислено според мене“,
вели Лембовска.
Но, ако пратениците и членовите на Советот имаат пристап до конкретните телефонски броеви, тогаш ќе можат да вршат вистински надзор, вели таа.
„Во моментов постојат тие сомнежи дека дури и ако се има пристап до такви информации, можеби, тоа би можело да се исполитизира, би можело да се злоупотреби за различни индивидуални политички или бизнис-цели“,
вели Лембовска.
Затоа, граѓанскиот сектор предлага формирање експертско тело, кое ќе има подлабок пристап при контролата на институциите овластени за следење на комуникациите.
„Експертско тело односно независен надзор којшто не би бил тело коешто се среќава само повремено и со ограничен мандат, туку би било некое перментно тело, каде што вработените ќе бидат со цело работно време. Тоа тело би имало соодветни капацитети и ресурси, меѓутоа би го имало и тој некој интегритет којшто е препознаен и од страна јавноста и од страна на институциите дека, доколку имаат пристап до тие податоци за тоа кој е следен, тие податоци нема да се злоупотребат“,
вели Лембовска.
Актуелен претседател на Комисијата за надзор врз следењето на комуникациите е пратеникот Игор Јанушев од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој не сака да зборува за потребните законски измени сѐ додека потемелно не се запознае со темата.
Членот на Комисијата од владејачката СДСМ, Славјанка Петровска, која како шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи учествуваше во дизајнирањето на реформата, смета дека недонесувањето на законските измени се должи на немање политичка волја.

„Ако се навратиме назад дека причината заради којашто Советот не профункционирал било несоздавањето на услови, тогаш овој член, првиот, којшто го спомнав, а е прифатлив апсолутно за сите, може да го изгласаме уште на некоја од првите наредни седници и Советот да профункционира до крајот на годината и порано. Само тој член којшто се однесува на создавање услови и финансиска поддршка на Советот за граѓански надзор“,
вели Петровска.
Експретседателката на сѐ уште нефункционалниот Совет за граѓански надзор, Цаца Николовска, смета дека неработењето на Советот толку долго време прави голема штета на целиот процес на воспоставување надзор врз следењето на комуникациите.
„Ако вие како држава сте се одлучиле да направите тело коешто ќе влева доверба кај граѓаните за законитото прислушување, а тоа тело не функционира, од друга страна сме имале распуштено Собрание многу долго време и собраниската Комисија не можела да функционира, отворено се поставува прашањето како ние замислуваме тие демократски процеси во оваа насока да бидат остварени“,
вели Цаца Николовска.