пишува: д-р Огнен Вангелов
Бидејќи во јавноста е актуелна дискусијата за тезите на објаснувачкиот меморандум на бугарската влада испратен до земјите членки на ЕУ, потребно е да се демистифицираат таквите позиции. Една од клучните теми на дискусија е тврдењето дека македонскиот идентитет е нов, резултат на идентитетски инженеринг, додека бугарскиот (а веројатно и сите други идентитети во регионот) е стар и историски втемелен. Оттука следува дека новиот идентитет, односно неговите претставници треба само да ги признаат фактите за стариот идентитет за да се решат таканаречените историски спорови.
Како стојат работите во светската наука по тие прашања? Прво и основно мора да знаеме за што точно зборуваме. Кога се мисли на новиот идентитет, дали се мисли на нов национален и нов етнички идентитет? Или се мисли само на нов национален идентитет, додека етничкиот идентитет е стар? Постои основен концептуален проблем во формулирањето на тезата за нов идентитет. Ако се работи за нов национален идентитет, а стар етнички идентитет (кој во односниот случај треба да е бугарски етнички идентитет во Македонија, а нов македонски национален идентитет со создавањето на македонската држава), тогаш треба да се направи јасна теоретска и концептуална разлика меѓу тоа што значи национален идентитет, а што значи етнички идентитет.
Во светската наука што се занимава со овие прашања (а тука влегуваат историчари, социолози, политиколози, политички филозофи и други) се користат различни термини за овие категории — од етникум, нација, етничка група, етнонационална заедница, национална заедница, етничка категорија, итн. Сè уште не постои јасен теоретски и концептуален консензус околу тоа како да се одвојат поимите нација и етничка група и зошто, на пример, некоја етничка група не може да се нарече нација, додека друга етничка група ги има карактеристиките на нација. Во англосаксонското јазично подрачје терминот нација долго време се користеше како поим кој означува држава (оттука терминот United Nations треба да означува обединети држави, а не нации како што тој термин се користи во германската и голем дел од континенталната европска културна традиција).
Но, да се фокусираме на тврдењата дека етничкиот идентитет на просторите на денешна Бугарија и Македонија „отсекогаш“ е бугарски, односно бил утврден и консолидиран околу илјада години. Според таа теорија, тој опстојувал како единствен етнички идентитет низ времето и во текот на сите општествени промени низ вековите и останал таков сè до моментот на интервенција на надворешни фактори (Коминтерната, комунистите, итн.) Со други зборови, се работи за илјадагодишен бугарски народ на просторите на Бугарија и Македонија. Прашањето е зошто ваквата теза е неодржлива и не може научно да се верификува? Бидејќи истражувањата во современата наука (а тука не станува збор само за истражувања од последните две децении туку уште од педесеттите години на 20 век) покажуваат дека не само националните идентитети (ако под национален идентитет претпоставуваме идентитет создаван во одреден државен контекст) туку и етничките идентитети подлежат на промени, преосмислување и се инхерентно ситуациони, а не скаменети низ различните историски периоди низ кои минува одредена популација.
Од таа гледна точка не може да се одвои прашањето за номиналните или аскриптивните (именуваните, придадените) категории на етничкиот идентитет и активираните категории на етничкиот идентитет од самите припадници на одредена група или заедница, како што објаснува Чандра во своите студии од 2006 и 2012 година. Таа елаборира дека различни категории на етничкиот идентитет можат да бидат активирани во различни контексти, така што „етничката практика“ може да се однесува на онолку категории за колку што постојат контексти. На пример, различни категории на етничките идентитети можат да бидат активирани различно во јавниот и во приватниот живот. Постојат многу примери за случаи на етнички идентитети каде што јавните и приватните идентитети не се совпаѓаат. На пример, Русенс во својата студија од 1994 година забележува дека мигрантите во Белгија од Каталонија го усвојуваат шпанскиот идентитет како свој јавен идентитет, додека пак го задржуваат каталонскиот идентитет во комуникацијата меѓу себе и со други мигранти од други региони на Шпанија. Горенсбург (1999), исто така, забележува несовпаѓање на јавно изразениот и приватниот етнички идентитет кај Татарите и Башкирите од руската република Башкирија. Постојат слични примери во различни региони во светот и во различни временски периоди.
Оттука, меѓу збирот идентитети кои јавно се активираат, можеме да ги издвоиме идентитетите кои се активираат во институционализиран политички контекст и идентитетите кои се активираат во неинституционализиран политички контекст, како на пример, социјалните движења, востанија, итн. Во многу земји, збирот идентитети што се активираат и во двата контекста можат да бидат исти. Но, во други земји, посебно во такви во кои одредени видови политички активности се забранети, тие идентитети можат да бидат различни.
Што значи ова во македонско-бугарскиот контекст и тврдењата дека бугарскиот идентитет е стар и историски, а македонскиот идентитет е нов и резултат на национален инженеринг од Коминтерната, комунистите и Тито?
Создавањето македонски идентитет (различен од бугарскиот и српскиот во потесен јужнословенски контекст) треба да се разгледува на повеќе нивоа, бидејќи процесот е повеќеслоен. На пример, нивото на вонинституционалниот контекст на револуционерната борба која кулминира со Илинденското востание е едно од тие нивоа, потоа е нивото на јазичниот и образовниот контекст и конечно, нивото на идентификација и самоидентификација. Сите револуционерни движења кои биле и се насочени кон создавање засебна државност речиси без исклучок стануваат национални движења. Во спротивност, се работи за таканаречени иредентистички движења за одвојување од една држава и присоединување кон друга. Контекстот на македонската револуционерна борба со голема доза сигурност може да се тврди дека не е контекст на желба за присоединување кон друга држава и нација или барем не е таква борба во својата доминантна и кристализирана форма.
Кога е јазичниот контекст во прашање, ситуацијата од крајот на 19 век со стандардизирање на бугарскиот јазик во 1899 година доведува до активирање на лингвистичката идентитетска категорија преку заложбата за посебен македонски јазик. Имено, стандардниот бугарски е создаден врз основа на источните бугарски говори кои на крајот на 19 и почетокот на 20 век биле во голема мера различни од македонските говори кои доминирале во градските центри како Велес, Битола и Охрид. И затоа не може да се смета за случајност и за „историска грешка“ појавувањето на книгата на Крсте Мисирков „За македонските работи“ многу кратко по бугарската стандардизација, во која тој предлага стандарден македонски јазик базиран на централните македонски говори. За јазична еманципација во Македонија на база на македонските говори зборуваат и луѓе пред Мисирков. Тука, исто така, е важен веќе воспоставениот егзархиски полуинституционален контекст кој со тек на време ја наложува употребата на бугарскиот стандарден јазик. Но, другите институционални инструменти на бугарската држава отсуствуваат од територијата на Македонија, со оглед дека во ниту еден период од создавањето на бугарската држава во 1878 г. па до Балканските војни географска Македонија не станува дел од таа држава.
Но, веќе со поделбата на Македонија по Балканските војни се создаваат сосема нови институционални контексти за населението во трите дела кои дополнително ги отежнуваат напорите за државност, а со тоа и консолидација на јазичниот и етничкиот идентитет. Сепак, периодот од Балканските војни до Втората светска војна е релативно краток период на една до две генерации за сосема да исчезне паметењето од претходните стремежи за самостојна држава, па токму во текот на Втората светска војна доаѓа до консолидација, како на јазичниот идентитет во текот на борбата така и на етничкиот и националниот идентитет преку нов институционален контекст на самостојна држава, макар и во рамките на поширока федерација.
Сумирано, тезите дека бугарскиот етнички идентитет е стар и историски, неприкосновен и формиран пред околу илјада години кој опстојал како таков, додека македонскиот етнички идентитет е нов и производ на комунистички инженеринг не можат да го издржат тестот на современата наука (тука повторно ќе напоменам дека не станува збор за некои сосема нови теории туку за науката од средината на 20 век па наваму).
Ниту во денешна Бугарија ниту во денешна Северна Македонија или пошироката географска Македонија до втората половина на 19 век не постои унифициран етнички и јазичен идентитет кај широките народни маси за да може да се зборува за еден и единствен народ кој се чувствувал како таков, за потоа да биде вештачки раздвоен. Напротив, со кристализирањето на борбата за самостојност на Македонија кон крајот на 19 век, како и со кристализирањето на бугарскиот стандарден јазик се јавуваат дивергентни процеси на истакнување на посебното кај Македонците, кое прво се појавува меѓу пообразованите, а потоа се проширува и кај населението.
За да може да успее таква национална идеја, потребни се одредени институционални и вонинституционални контексти. Институционалните контексти на Балканот се однесуваат на формирање национални држави на Србите и Бугарите (и Грците, се разбира) чии јазични и културни центри се еднакво оддалечени од македонските јазични и културни центри, а вонинституционалните контексти се поврзани со отпорот на локалното население кон тие нови реалности. И познатиот чешки историчар и политички теоретичар Мирослав Хрох констатира дека процесот на дивергенција кај Бугарите и Македонците е успешен поради дадените контексти во кои се нашле и двата идентитета, додека такво нешто не може да се каже и за други случаи, како на пример, проблемот на Карпатските Русини во однос на припадност кон украинската нација, трансилванискиот идентитет наспроти унгарскиот идентитет или, пак, моравскиот идентитет наспроти чешкиот идентитет.
д-р Огнен Вангелов
Авторот е научен работник во Центарот за проучување демократија и разновидност при Квинс Универзитетот во Канада, како и член на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија
