Економското заздравување, според министерот за финании, ќе зависи и од тоа дали ќе има нов бран на здравствена криза, така што има три сценарија: основно, песимистичко и оптимистичко
Раст од четири отсто в година, согласно со основното сценарио на Министерството за финансии, очекува министерот Фатмир Бесими.
Буџетот наредната година, како што вели, ќе биде за заздравување, изработен на среднорочна рамка, затоа што на среден рок ќе се работи на фискална консолидација.
„ Тоа е буџет што ќе го поддржи економското закрепнување. Тој ќе даде и натамошна поддршка на здравствениот сектор, мерки за социјалните категори и за економијата и за задржување на работните места. Се предвидува во текот на наредната година да почнеме да се фокусираме, колку што е можно, на политики што ќе поддржат инвестиции за конкуретност, што на среден рок ќе значи и одржлив раст и забрзување“,
истакна министерот за финансии во дебата на ТВ 24 .
Тој посочи дека предлог-буџетот за 2021 ќе има среднорочна рамка и ја истакна потребата од среднорочно планирање за да се направат структурни промени во буџетот и наместо за 2,6 отсто просечен раст, како што беше во изминативе 10 години, да се зборува за повисоки стапки од пет отсто годишен раст.
Фискална консолидација, оцени Бесими, може да се изврши на среден рок, но не може да се очекува следната година дефицит помал од три отсто. Ова е пракса за скоро сите земји низ светот во време на криза.
Бесими истакна дека сите земји во светот ги прошируваат своите дефицити. Дури и земјите кои досега функционирале со висок суфицит во буџетот, како Норвешка, сега проектираат буџетски дефицит.
Закрепнувањето, според министерот за финании, в година ќе зависи и од тоа дали ќе има нов бран на здравствена криза и согласно тоа има три сценарија кои се очекуваат: основно, песимистичко и оптимистичко. Согласно позитивните сценарија, се очекува да нема нови бранови на криза догодина туку да има економско опоравување.
Во однос на намаување на бројот на вработените во администрацијата, Бесими рече дека нема да се случи во една година, туку дека тој број ќе се намалува со пензионирање, со политики како што е онаа за одење во пензија на сите над 64 години, но ќе има и институции каде што ќе има вработувања по потреба, како што се инспекторатите со сегашните надлежности, кои ќе треба да се предвидат во буџетот за 2021 година.
