Владата оценила дека нема основа за поведување постапка за утврдување одговорност на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, како што побара Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК).
Според соопштението од денешната седница, Владата го утврдила одговорот што ќе го испрати до ДКСК по иницијативата од оваа институција за утврдување одговорност кај Анѓушев при носењето на владината одлука за укинување на царината за увоз на литиум-јонски батерии.

Во одговорот до Антикорупциската комисија Владата наведува дека „точката Предлог-одлука за укинување на царинската стапка за електрични литиум-јонски акумулатори била повлечена од 29-тата седница на Владата на 26 септември и повторно била вратена на усвојување на 36-тата седница на 7 ноември, откако во меѓувреме заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев со писмен поднесок ја информирал владата дека се иззема од учеството за донесување на предлог-одлуката“.
„Членовите на Владата немаат неограничени овластувања и моќ и нивните поединечни овластувања се контролирани од Владата како колективен орган, согласно Уставот и Законот за Влада, и во овој случај не е утврдена повреда на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, поради што нема правен основ за поведување одговорност“, пишува во соопштението од Владата.
ДКСК има доказ дека Анѓушев не се изземал
Сосема спротивно од владиното образложение, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, при покренувањето на иницијативата на 15 ноември, во интервју за „360 степени“, рече дека Комисијата има несоборлив доказ дека вицепремиерот Анѓушев не само што не се изземал туку и активно учествувал во носењето на владината одлука за укинување на царината за јон-литиумски акумулатори, од што директен интерес имала фирмата „Брако“, во која Анѓушев има сопствеништво.
„На почеток, во септември 2017 година фирмата Брако поднесува барање до Стопанска комора за таа да поднесе барање до Министерството за економија, тоа да иницира донесување на одлука од страна на Владата за намалување на царината. Стопанската комора тоа го проследува до Министерството за економија и кругот си оди како што треба. Во тој случај, Анѓушев поднесува изјава за којашто има наведено дека ја доставил до Министерството за економија и до Владата. Таа изјава нема приемен штембил од страна на Министерството за економија, ниту од страна на Владата, но се однесува на тој предмет, бидејќи е напишано архивско бројче на тој предмет. Предлог-одлуката од Министерството за економија оди на седница на Влада, меѓутоа се одложува оваа точка и тука приказната завршува на 26 септември 2017“,
рече Ивановска во гостувањето во „360 степени“.

Таа кажа дека следно во случајот е писмо на Амбасадата на Полска до Министерството за надворешни работи (МНР) од кое се дознава дека вицепремиерот Анѓушев имал средба со претставници на полската фирма „Полмод“, па амбасадата бара овозможување увоз на производи без царини, со образложение дека фирмата има намера да инвестира и да отвори фабрика за електрични автобуси.
„Тоа писмо укажува на средба на вицепремиерот со таа фирма кон крајот на септември 2017 година, што значи дека тој бил свесен за што се работи. Неговото образложение беше дека тој мора да ги прими сите странски инвеститори, што држи, нормално дека треба, меѓутоа од разговорот со овој инвеститор тој имал сознание дека понатамошното дејствие ќе има влијание врз неговиот личен интерес, бидејќи се работи за интерес којшто ќе го оствари фирмата Брако каде тој се јавува како сопственик преку ‘Феро инвест’“,
рече Ивановска.
Писмото на полската амбасада, објасни шефицата на ДКСК, од МНР се проследува до Министерството за економија, па ова министерство изготвува предлог-одлука и бара мислење од повеќе институции, меѓу кои и од Министерството за финансии кое се изјаснува негативно. Мислење има и од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, на кое лично тој е потпишан и во кое стои дека од аспект на економски политики, одлуката е добра.
„Ова мислење е потпишано од самиот вицепремиер Кочо Анѓушев што исто така е спорно. Меѓутоа, ајде и тоа да го земеме во предвид дека други го изработиле мислењето, а тој само го парафирал, макар што можел и тука да се изземе. Нашиот закон е многу дециден, кажува дека службеното лице е должно да го пријави постоењето на приватниот интерес и да се изземе пред расправата, пред одлучувањето. Понатаму предлог-одлуката на Министерството за економија доаѓа на седница на Влада. Побаравме записник и ги побаравме стенограмите. Во записникот стои дека вицепремиерот присуствувал на седницата, а од стенограмите гледаме дека тој учествувал во расправата и укажувал на кој начин треба Министерството за економија да ја поправи одлуката за да биде во согласност со барањата кои ги дава Министерството за финансии“,
вели Ивановска.
Ова, според неа, е конкретна ситуација на судир на интереси која законот бара да се санкционира. Згора на се, полската фирма никогаш не дошла да инвестира во земјава.
Инаку, вицепремиерот Кочо Анѓушев најави заминување од вицепремиерската позиција со изборот на техничката влада на 3 јануари, а најавата дојде неколку дена пред ДКСК да побара од премиерот Зоран Заев да поведе постапка за утврдување одговорност кај Анѓушев.