Главниот државен ревизор Максим Ацевски во интервју за „360 Степени“ зборуваше за проблемите во работењето со кои се соочува Државниот завод за ревизија, но и Јавното обвинителство.
„Дали воопшто јавноста се запрашала во какви услови работи Јавното обвинителство? Ако земете да го прочитате конечниот ревизорски извештај за буџетот на државата, ќе погледнете состојби коишто се однесуваат на судската власт. Ако вие континуирано со години и давате помалку средства на судската власт, не обезбедувате доволно човечки ресури, не обезбедувате доволно човечки ресурси на Јавното обвинителство на ДЗР и на сите други органи коишто имаат одредена надзорна или контролна или инспекциска улога, како можете да очекувате резултати и да го дадат својот придонес? Дали знаете дека ЈО нема доволно истражители? Кога отвораме одредени прашања, мора да ги земеме прашањата комплексно, да погледнеме кои се вистинските причини. Еве, јас верувам, бидејќи неколку пати ја следам изјавата на потпретседателот на владата задолжен за борба против корупција, којшто јасно кажува дека за овие институции во наредниот период ќе се води голема грижа. Јас верувам во тоа и очекувам дека министерот за финансии и надлежните органи ќе ја согледаат реалната состојба дека ДЗР, ЈО и сите други институции во системот се партнери на Министерството за финансии, а не органи коишто се обични буџетски корисници, или инсититуции коишто треба да пречат. Ако ДЗР со две ревизии утврдува и дава поврат на буџетот со 11,7 милиони евра, јас не ја гледам причината министерот за финансии да не го одобри буџетското барање на ДЗР коешто значи дополнителни 10 милиони денари за 2021 за преземање на одреден број на вработени и за вработување на нови вработени. Ако во 2010 сме имале 120 ревизори а во овој момент имаме 82 ревизори, тогаш како да ја извршувам надлежноста што ми ја дала Собранието?“
вели Ацевски.