Во овој период кога одржувањето на функционирањето на законодавните институции е предизвик поради ковид-19, од нашите партнери – меѓународни и национални експерти, беше препорачано да се обезбедат лаптопи со релевантниот лиценциран оперативен и безбедносен софтвер со цел собранискиот персонал да има поголема и продолжена мобилност, вели директорот на Националниот демократски институт (НДИ – Северна Македонија), Роберт Скот Хејзлет
Директорот на Националниот демократски институт (НДИ-Северна Македонија), Роберт Скот Хејзлет, во интервју за „360 степени“, зборува за Програмата за поддршка на Собранието, која ја спроведува неговата организација и во чии рамки неодамна беа купени сто лаптопи за вработените во собраниската служба. Тој отворено го лоцира и коренот на проблемот што го оневозможува парламентот да ја заземе контролната улога над извршната власт.
Информацијата објавена од Бирото за јавни набавки за набавка на 100 лаптопи од Собранието крена голема прашина во јавноста. Подоцна се дозна дека набавката е дел од проект за поддршка на Собранието, финансиран од Швајцарија, а спроведуван од НДИ. За што поконкретно станува збор?
Хејзлет: Собранието, како законодавна гранка, е срцето на демократијата во Северна Македонија. Според наодите од истражувањето на јавното мислење, финансирано од Швајцарија во изминатите 11 години, рејтингот на Собранието кај граѓаните падна од највисокиот (3,4) во 2017 година на еден од најниските (2,6) во 2020 година. Собранието имаше рејтинг како во 2020 и во 2009 и 2010 година, додека во 2011 година беше најнизок – 2,4. Капацитетот за демократско управување на државата е толкав колкав што е капацитетот на институциите.
Напорите на Швајцарија за поддршка на Собранието започнаа во 2006 година, најпрво со односи со изборната единица од која доаѓаат пратениците, потоа со непристрасно истражување и информации, а сега со институционален развој и поголема транспарентност и отчетност. Како спроведувачи на Програмата за поддршка на парламентот, Националниот демократски институт заедно со Институтот за демократија и Центарот за управување со промени, ги поддржуваат напорите на Собранието за зајакнување на системот на „спреги и кочници“; подобрување на текот на работата (workflow); за поголема контрола врз извршната власт; подобрување на донесувањето закони врз основа на анализа; подобро регулирање на зголемено граѓанско учество во креирањето политики и зголемување на досегот до граѓаните за нивните демократски права и одговорности. Институцијата треба да има соодветни човечки и физички ресурси за да ги постигне целите.
Затоа, нашата поддршка вклучува техничка и материјална помош, вклучувајќи хардвер, софтвер и опрема за крајни корисници за Собранието и неговиот персонал. Повеќе информации за актуелната 10-годишна инвестиција во демократијата на Северна Македонија, , може да се најдат на: https://youtu.be/vdWUlorz8XU.
Каква би била конкретната намена на лаптопите?
Хејзлет: Набавените лаптопи се наменети за собранискиот персонал затоа што постојната опрема е недоволна за да ги исполнат обврските кон членовите на парламентот и Собранието да ги исполни своите обврски кон граѓаните, обезбедувајќи транспарентност, ангажираност и вклученост.
Со парламентарни експерти за информациски и комуникациски технологии од Естонија и Швајцарија, како и со главниот директор за иновации на НДИ и тимот за спроведување, беше направена проценка на состојбата на информатичко-комуникациската технологија во Собранието. Беше утврдено дека постои значителна потреба за надградба на хардверот, софтверот и опремата за крајни корисници. Оценето е дека покрај системската надградба на хардверот и софтверот на Собранието, опремата за користење како декстоп-компјутерите, лаптопите и печатарите веќе не се употребливи и имаа инсталирано неподдржан софтвер.
Во овој период кога одржувањето на функционирањето на законодавните институции е предизвик поради стравувањата од пандемијата со ковид-19, од нашите партнери – меѓународни и национални експерти беше препорачано да се обезбедат лаптопи со релевантниот лиценциран оперативен и безбедносен софтвер со цел собранискиот персонал да има поголема и продолжена мобилност, со целодневни батерии, без разлика дали се во Собранието или не.
Оваа набавка придонесува за паметни дигитални работни места, подобрување на брзината и ефикасноста на собраниската служба, како и безбедноста и преносливоста, и непречена поддршка на членовите на парламентот и, следствено, на граѓаните на кои им служат пратениците.

Велите дека се предвидени и други набавки во иднина, какви конкретно?
Хејзлет: За да ги поддржи напорите за институционална реформа, Швајцарија се посвети на директна финансиската помош за Собранието. Договорените набавки вклучуваат хардвер и други потреби за крајните корисници; развој на портал за отворени податоци; надградби на системот за следење на законите/е-парламент; ажурирање на веб-страницата на Собранието; развој на систем за управување со документи, набавка на опрема за ТВ-студио и обезбедување надоместок за 7 вработени кои работат на видео- преносот и за 5 вработени во парламентарната буџетска канцеларија. Со институционална отвореност, отчетност и транспарентност, граѓаните имаат корист од овие набавки со поголем пристап до законодавни информации, вклучително и до парламентарната дебата во реално време.
Сите планирани набавки се засноваат на Стратешкиот план на Собранието и меѓупартиски консензус на сите парламентарни групи. НДИ потпиша договор со Собранието во февруари 2020 година за планирани набавки до 2023 година, обезбедувајќи 1,6 милиони швајцарски франци за овие напори. Набавките за периодот 2023-2029 година ќе бидат утврдени во 2023 година врз основа на стратешкото планирање на Собранието.
Според вас, кои се добрите, а кои проблематичните страни во актуелното функционирање на Собранието?
Хејзлет: И покрај што Собранието беше распуштено шест месеци поради изборите и пандемијата, 67% од анкетираните граѓани потврдуваат дека тоа игра важна улога во политичкиот живот на земјата. Проектот поддржан од Швајцарија е релевантен и навремен напор да му се помогне на Собранието во стекнување институционален кредибилитет и доверба во јавноста со зачувување на интересите и потребите на граѓаните и со повеќе консензусно ориентирана и инклузивна дебата и донесување одлуки.
Педесет и еден процент од испитаниците во анкетата сметаат дека извршната власт има целосна/делумна контрола врз Собранието, додека само 37% од испитаниците сметаат дека Собранието има целосна/делумна контрола врз извршната власт. Програмата за поддршка на Собранието ги поддржува напорите за независност на парламентот преку градење консензус, структурни реформи и градење на капацитети во институционалниот развој на Собранието; неговите законодавна и надзорна улоги и неговата институционална транспарентност и отчетност. Проектот, како едно од првите достигнувања, ги означува амандманите на Законот за Собрание од јануари 2020 година, со меѓупартиски консензус, со кој се кодифицира независноста на парламентарните служби.
Што е клучно за парламентот на среден рок да го заземе вистинското место во политичкиот систем во РСМ?
Хејзлет: Изборниот модел се смета за корен на проблемот, бидејќи пратениците се веројатно поодговорни пред лидерите на партиите отколку пред изборните единици и гласачите што ги претставуваат. Педесет и осум проценти од анкетираните граѓани целосно/делумно се согласуваат дека промената на изборниот модел може да придонесе за подобар парламентарен состав. Моделот на отворени листи покажува подобрен систем на добро владеење во сите земји членки на ЕУ во кои се практикува. Со други зборови, со отворени листи, како гласач, можете да одлучите кој ќе ве претставува во Собранието врз основа на перформансите или компетенциите на кандидатите. Со сегашниот изборен модел со затворени листи, редоследот на кандидатските листи е предодреден од политичките партии, па затоа пратениците ретко се мотивираат да одат против партиските интереси. Покрај тоа, со сегашниот изборен систем, граѓаните се во мрак кога станува збор за познавањето на нивните пратеници. Нашата анкета покажува дека половина од граѓаните (48%) не ги знаат имињата на пратениците кои доаѓаат од нивниот изборен округ/општина/регион.