Терминот „организиран криминал“ не е нов во македонскиот јазик. Иако не може да се провери кога влегол во речникот, со голема сигурност може да се каже дека доби на популарност со осамостојувањето.
„Организиран криминал во сите видови, цигари, нафта, дрога, шеќер, беше буквално измислен како поим во Република Македонија во ваше време“,
го обвини Љубчо Георгиевски тогашниот најголем политички ривал Бранко Црвенковски.
„Вие го креирате криминалот. Вие сте главни покровители на тој криминал“,
му реплицираше Црвенковски на Георгиевски.
Но, освен што некому предизвикуваше политичка штета, низ годините организираниот криминал доби и политичка „вредност“.
Владите на Никола Груевски се обидуваа политички да профитираат преку спектакуларни апсења за да се задоволи барањето на јавноста за правда и еднаквост пред законите.
Актуелната влада предводена од Зоран Заев видливоста на таа борба сакаше да ја покаже со бројчаник на Триумфалната порта.
Локацијата за бројчаникот не беше случајно избрана бидејќи во очите на сегашната власт портата е симбол за криминалот на претходната власт. Бројчаникот треба да покажува колку од наводно украдени стотици милиони евра се вратени во државната каса.
Но, тој не работи и не ги покажува помпезно најавуваните милиони евра кои преку судски процеси се враќаат во државниот буџет, а биле проневерени од претходната владејачка гарнитура.
Сепак, власта не ја напушта тезата дека борбата против организираниот криминал и корупцијата е стратегиска цел.
Мораме да покажеме јасен исчекор и апсолутно недвосмислена, бескомпромисна и безрезервна борба против криминалот и корупцијата. И тоа не смее да остане само на декларативни заложби. Мора да има и конкретни резултати,
вели премиерот Зоран Заев.
Проверивме – дали не функционира само симболот или целиот механизам на таа борба. Борбата против организираниот криминал е производ на соработката меѓу повеќе институции.
Во земјава „’рбетот“ го сочинуваат Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, потоа Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и специјализираното судско одделение за организиран криминал во скопскиот Кривичен суд. Значајна улога имаат и други институции, како Антикорупциската комисија, Финансиската полиција, финансиското разузнавање.
Според Снежана Камиловска-Трповска од МЦМС, која со години ги следи случувањата во оваа сфера, законската поставеност е релативно добра, но недостига спроведување на дело.
Тоа го гледаме преку многу бавните предистражни и истражни постапки, понатаму судските постапки кои исклучително долго се одолговлекуваат, тие кои се однесуваат на организираниот криминал и корупција, а посебно оние кои се однесуваат на високата корупција,
вели Камиловска-Трповска.
Следејќи ја институционалната поставеност, прво прашавме во МВР – колку случаи и сторители на дела регистрирал Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во последните шест години?
Од 2014 до 2017 година за речиси трипати е намален бројот на регистрирани случаи и сторители. Благ раст повторно се појавува во 2018, што како тренд се очекува да продолжи и годинава, бидејќи заклучно со октомври 2019 е подобра од цела 2017 година.
Според Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи задолжен за односи со јавност, падот на регистрирани кривични дела не се должи на неефикасност на полицијата, туку на Законот за кривичната постапка. Со измените што стапија во сила во 2013 година, објаснуваат од МВР, јавните обвинители станаа доминантни во предистражната постапка.
И сразмерно на тоа имаме намалување на бројот на кривични пријави од нашиот оддел, но имаме енормно зголемување на известувањата по наредба на обвинителот. Благодарение на овие измени е направена ваквата промена во бројките. Инаку, што се однесува до обемот на работа, напротив, апсолутно е зголемен бројот на постапувања по предмети од Одделот за организиран и сериозен криминал при МВР,
изјави Ангеловски.
Толкувањето на Ангеловски на податоците од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР само делумно се совпаѓа со бројките на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Од 2014 до 2015 година, додека има пад на бројот на случаи во МВР, навистина има раст на новозаведени предмети и лица во обвинителството. Но, потоа за време на политичката криза, во 2016 и во 2017 година, како кај полицијата така и кај обвинителството се регистрирани рекордно низок број сторители на дела и предмети од областа на организираниот криминал и корупцијата. Дури последниве две години работите се враќаат „по старо“.
Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска делумно се согласува дека наглиот пад на предмети во 2016 и 2017 година може да се припише на политичката ситуација. Но, наспроти МВР, од каде што своите бројки ги оправдаа со смената на легислативата и засилената улога на обвинителството, Вилма Русковска вели дека нивниот резултат зависи од „приливот“ од други институции, меѓу кои и полицијата.
Обвинителството не е истражен орган и затоа во добар дел ние зависиме од другите институции. Веројатно и затоа е во план формирање истражни тимови, сега за почеток само во четири обвинителства, вклучувајќи го и ова, потоа веројатно ќе биде и во другите обвинителства за откривање сторители на кривични дела од наша надлежност, без разлика во кое обвинителство, да не зависиме толку многу од другите институции,
вели Русковска.
И додека Обвинителството полека се враќа на стандардот од пред политичката криза и по бројот на поднесени обвиненија, нивната статистика сугерира дека Кривичниот суд не го следи трендот. Напротив.
Ако се одземат случаите што завршиле со спогодба, бројот на лица што добиле првостепена пресуда во 2014 година, а тој изнесува 306, се намалил за трипати во последните години, за 2018-та да заврши со 95 лица што добиле пресуда.
Дека Одделението за организиран криминал во скопска единица решава помалку предмети од минатото, покажуваат и бројките од Судот.
Од 2015 година, за време на политичката криза, нагло паднал бројот на обвинети лица кои се нашле пред судиите во Одделението за организиран криминал. Во последните две години таа бројка повторно расте, што значи дека има зголемен прилив на предмети. Но, од друга страна, драматично се намалил бројот на решени предмети. Ако во 2014 и 2015 година Одделението за организиран криминал решавало и заостанати предмети, односно повеќе отколку што примало во тековните години, во 2016, 2018 и 2019 година судот не успевал да пресуди ни за онолку лица за колку што имал прилив.
Од скопскиот Кривичен суд велат дека бројките паѓаат поради две причини. Првата е воведувањето на спогодбата како начин обвинетиот, со признание на вина, да ја заврши постапката, што судот само го верификува без да оформи посебен предмет. За втората причина од Судот велат:
Мора да се има предвид дека во периодот 2014 и 2015 година во нашата држава имаше голем број предмети поврзани со кривични дела од областа на трговија со луѓе и криумчарење мигранти, па поради тоа бројот на решени предмети по лица во овие две години е поголем во споредба со другите.
Но, бројките што ги добивме токму од Кривичниот суд во Скопје го побиваат ваквото оправдување.
Точно е дека во 2015 година имало зголемен прилив на предмети поврзани со криумчарење мигранти, но приливот на такви предмети расте и во последните две години. Статистиката покажува дека и во минатото и сега судот е задоволително ефикасен кога се во прашање овие предмети.
Но, такво нешто не може да се тврди за други кривични дела, од каде што најверојатно и произлегува намалената ефикасност на судот.
Во 2016, 2017 и 2019 година има голем прилив на предмети за злоупотреба на службената положба. Освен во 2014 и 2015 година, кога судот решил повеќе вакви предмети отколку што примил, сите следни години реализацијата е екстремно ниска.
Како последица на намалениот број првостепени пресуди, се намалил бројот на пресуди и на Апелацискиот суд. Но, во исто време, според статистиките на обвинителството, се зголемил процентот на укинати првостепени пресуди – од 0,4% во 2014 г. на близу 26% во 2018 година.
Најголемиот број, според мене, не само за претходниве години, туку години наназад, укинати пресуди од страна на Апелацискиот суд е поради пресудите, а не затоа што обвинителството не доставило доволно докази. Поради суштествени повреди за текот на постапката или, пак, некои недоречености во самата пресуда. Тогаш би било носење на ослободителна пресуда од страна на Aпелацискиот суд доколку обвинителството не доставило доволно докази,
смета Русковска.
Од скопскиот Кривичен суд тврдат дека бројките од обвинителството на Русковска не се точни.
Нашите податоци покажуваат дека сѐ помал број првостепени пресуди од нашиот суд се обжалени пред повисокиот суд, што покажува дека странките се задоволни од пресудите, а од оној број на пресуди кои се обжалени – или се целосно потврдени или потврдени и преиначени само во делот на казната,
велат од Кривичниот суд.
Сепак, од бројките што ни ги достави Кривичниот суд не може да се потврди ваквото тврдење. Од Апелација, пак, не сакаат да влезат во подетална оценка на укинатите пресуди – ниту причински ниту според број бидејќи, според нив, за комплексното прашање е потребна анализа.
Жалбените совети на судот детално и аргументирано во своите одлуки ги образложуваат причините поради кои констатирале дека одлуката содржи фактички или правни недостатоци… давајќи притоа јасни напатствија и укажување за начинот на кој недостатоците во првостепената пресуда треба да се отстранат,
одговорија од Апелација.
Кој и да е во право, на крај, бројките покажуваат дека се намалува бројот на правосилни пресуди за организиран криминал, кои завршуваат со казна затвор. Ако во 2014 година 316 лица завршиле зад решетки за дела од областа на организираниот криминал, во 2019, која е најдобра во последниве три години, бројката е 100 лица.
Борбата против организираниот криминал, сепак, не се оценува само низ бројот на пресуди и осудени лица туку и преку одземениот имот. Автомобили, мотоцикли, компјутери, мобилни телефони, дрога… Магацините на Агенцијата за управување со одземен имот се полни со предмети конфискувани во судски постапки.
Но, и во оваа статистика нема растечки тренд. Најголема конфискација има во 2015 година – 5,3 милиони евра. Во последната цела година за која има податоци – 2018 г., вредноста е 1,7 милион евра.
Директорот на Агенцијата, Фатон Асани, вели дека голем дел од одземениот имот пропаѓа додека судовите одлучат дали тој треба да се врати или дефинитивно да се конфискува.
Ние дејствуваме тогаш кога ќе дојде судската пресуда. Пред судската пресуда не можеме ништо, туку откако ќе дојде судската пресуда. Како и да е, треба да се забрза работата на судовите и да се носат што побрзо одлуки – дали да се врати или да не се врати. И ако треба да се врати предметот барем да не е оштетен тужениот,
вели Асани.
И додека запленетиот имот се распаѓа во магацините на Агенцијата и секојдневно ја губи вредноста, се наметнува дилемата – дали иста судбина ја следи и заложбата на актуелната влада, видливоста на борбата против организираниот криминал и корупцијата да ја покаже со бројчаник на Триумфалната капија?