Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека на седниците на партиските тела в петок ќе ги разгледаат односите со сите коалициски партнери, вклучувајќи ги и оние со ДУИ.
Сепак, тој посочи дека, и покрај некои непријатни чувства што ги има деновиве, мора да се имаат предвид и достигнувањата.
„Уште еднаш да напоменам дека оваа владина коалиција ги донесе големите одлуки за државата, довербата е голема и верувам дека сето тоа СДСМ и коалицијата предводена од СДСМ ја прави извесно победничка партија, која ќе ги почитува гласовите на сите граѓани и во делокругот на помалобројните и повеќебројните политички партии, круговите на македонската заедница, но и на помалобројните етнички заедници во државата“, рече Заев.
В петок, на седниците на Извршниот и Централниот одбор, Заев најави дека ќе се разговара за сите политички прашања, ќе се направи рекапитулар на годината, но одлуки за евентуални коалициски договори, спогодби или договори за заеднички настап пред изборите нема да има сè до средината на февруари.