Даниела Стојановска-Џинговска на последните претседателски избори успеала да гласа само поради сопствената упорност. Таа е лице со попреченост, живее во скопската населба Карпош 4, а избирачкото место во кое гласа е сместено во основното училиште „Петар Поп Арсов“ во кое има пристапна рампа, па лесно може да влезе во објектот.

„Посебно е важно лицата со попреченост да го остварат своето гласачко право заради тоа што со тоа придонесуваат кон некакви промени“,
вели Даниела Стојановска-Џинговска.
Но, по влезот во објектот, настанал проблем. Нејзиното гласачко место отсекогаш било сместено на приземјето, па без тешкотии пристапувала до него.
Така било сè до претседателските избори што се одржаа оваа пролет. Тогаш дознала дека гласачкото место ѝ е променето затоа што претходно ја сменила адресата.
„Не знаејќи дека ќе ми се смени гласачкото место, се соочив со еден предизвик дека сум сега за гласање по скалите нагоре. Тоа го решивме така што ми помогнаа луѓето тука од училиштето“,
додава Стојановска-Џинговска.
Така на крајот успеала да гласа. Даниела вели дека, како и ова училиште, повеќето објекти во кои се гласа имаат половична пристапност за лицата со попреченост.

„Иако тие институции се пристапни надворешно, недостига целосна внатрешна пристапност и тие се соочуваат со тој предизвик да стигнат до гласачкото место и многумина од нив поради тоа, не можејќи да го надминат предизвикот, се откажуваат од остварување на правото на глас“,
смета Стојановска-Џинговска.
Таа за проблемот ѝ раскажа и на директорката на училиштето.

„Во нашето училиште на сите влезови има пристапни рампи за лица со попреченост. Досега никој се нема обратено дека има некој проблем, но еве сега знам и се надевам дека ќе го надминеме, ќе го решиме, за да им се овозможи на лицата со попреченост да можат да стигнат до своето избирачко место“,
рече Татјана Савеска, директорка на ООУ „Петар Поп Арсов“ – Скопје.
Ако поставувањето лифт е скапо или скалите се стрмни за да се изградат или постават пристапни рампи, Стојановска-Џинговска има свој предлог:
„Наједноставно решение, кое не бара финансиски издатоци, односно нема финансиски импликации е каде што знаат дека има лица со попреченост, гласачките места да бидат на приземјето“.
„Инклузива“: 76% од избирачките места се непристапни
Гордана и Александар Стојаноски се од Ресен. Во неколку изборни циклуси и на референдумот биле набљудувачи од невладиниот сектор кои на избирачките места забележуваат со какви пречки се соочуваат лицата со попреченост при гласањето. Изборното место во кое набљудувале е сместено во Домот на културата „Драги Тозија“ – импресивен објект изграден во 1909 година на кој ресенчани се горди, но од одамна му треба обнова.

Александар на последните избори самиот се снаоѓал за влез во зградата.

„Почекав да намине некој гласач и го замолив да ме поткачи по скалите, потоа го замолив и по внатрешните скали да ми помогне од едната страна, од другата страна има глендери, но не се многу стабилни“,
раскажува тој.

„Гласачкото место е во оваа зграда горе по скалите, коишто се стрмни и тешки за нас лицата со попреченост. Малку е непријатно затоа што сепак треба време, треба да има некој што може да те разбере, дали ќе се нафати некој да ти помогне или само ќе помине – ќе замине покрај тебе и нема да обрне никакво внимание“,
вели таа.

„Рампата се поставува многу лесно. Се фиксира таму. Направена е мобилна, одма се поставува“,
вели градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски.
– А, зошто сега не е ставена на влезот?
„Зашто, видовте, внатре спремаат поголеми предновогодишни работи. Ќе ја постават штом ќе завршат со уредување внатре, ќе ја постават сега пред Нова година зашто внатре планираме изложби“,
одговори Гошаревски.
Градоначалникот вели дека само еден кат од објектот е во надлежност на општината. Покрај средства за обнова на објектот, очекуваат и дозвола за да го направат попристапен.

„Оваа зграда е заштитена со закон и пред сѐ секоја доградба и реконструкција мора да е усогласена со законските прописи и Заводот за заштита на културни и историски споменици. Секако, процедурата е малку покомплицирана“,
додава Гошаревски.
Додека сѐ да помине по процедура, скалите за лицата со попреченост ќе останат најтешкиот пат до остварување на основното демократско право.
Гордана и Александар се меѓу 70. набљудувачи на невладината организација „Инклузива“, кои во Ресен поминаа обука за тоа како се мониторира изборен процес од аспект на правата на лицата со попреченост.
Секое гласачко место треба да биде приспособено за во него да може да гласаат луѓе со каква било попреченост.

„Лице со попреченост има право да гласа со свој придружник, така стои во Изборниот законик. Не смеете тоа да го споредувате со семејно гласање“,
рече претседателката на НВО „Инклузива“, Благица Димитровска.
За во Избирачкиот список на соодветното место да се потпишуваат лица со оштетен вид, се користи граничник – помагало кое е корисно и често го употребуваат и другите гласачи.

За лица со оштетен слух треба да има сликовит приказ на гласачкиот процес.

„Овој целосен сликовит приказ треба да стои на видно место. На ѕидот каде што гласачот може да го види или на влезната врата“,
рече Димитровска.
За луѓето во количка, ако успеат да влезат во објектот, гласачкиот параван треба да биде на соодветна висина и да биде изработен од поцврст материјал за гласачот да може да се потпре на него. На соодветна висина треба да биде и гласачката кутија, за да можат да го пуштат гласачкото ливче во неа.
Луѓето со попреченост може да се пријават да гласаат еден ден порано, во домашни услови. Но, таквиот начин на гласање е за болни и изнемоштени, а тие се чувствуваат дискриминирано ако се стават во таа група затоа што велат – „болеста се лечи, а попреченоста е состојба која трае цел живот“.

Според извештајот на „Инклузива“, три четвртини од избирачките места биле непристапни, најмногу оние сместени во образовни институции. Близу половина од објектите имале пристапни рампи на влезот, но на секои десет рампи – осум биле надвор од стандардите. Сликовитиот приказ на гласачкиот процес не бил истакнат на 70 отсто од избирачките места. Не се користеле соодветно и граничникот и шаблонот за гласање.
„Овие алатки стоеја нераспакувани. Избирачките одбори, кога поставуваме прашања зошто е тоа така, не знаат зошто служат, немаа доволно вештини ниту се едуцирани за да ги користат“,
вели Димитровска.
Во земјава нема точна статистика за бројот на лица со попреченост. Но, според Светската здравствена организација, околу 15 проценти од населението има некаков вид попреченост, а во земјите во развој и повеќе.
„Петнаесет проценти се 270 илјади гласачи. Тоа е голема бројка, голема бројка на граѓани кои се невидливи затоа што околината ги спречува да гласаат, како и сите други гласачи“,
смета Димитровска.
Нема податок колку вложуваат институциите за подобрување на пристапноста
Во магацинот на Државната изборна комисија се чуваат алатките за непречено гласање на сите гласачи како граничници и шаблони на Брајово писмо. Важно е дека ги има, но уште поважно е да се употребат, и тоа правилно, на денот на гласањето. За тоа е неопходна свесност и предзнаење кај членовите на избирачките одбори, што често изостанува.
ДИК во соработка со невладиниот сектор ги обучувала членовите на избирачките одбори како да постапат кога гласа лице со попреченост. Но претседателот на Комисијата, Оливер Деркоски, не е задоволен од случувањата на терен.

„Во наредниот период, веднаш по Нова година, ќе спроведеме нов тип едукација, во мали групи од по 25 члена на избирачки одбори во периодот до самите избори, која ќе ни овозможи на малку подруг начин да ги едуцираме сите членови на избирачките одбори со цел да ги надминеме ваквите проблеми“,
вели Дерковски.
Иако секоја институција е одговорна својот објект да го направи пристапен, Државната изборна комисија првпат на минатите избори набавила монтажни рампи и електромоторни транспортери за да се подобри пристапноста на местата во кои се гласа.
„Овие се т.н. роботи за искачување на лицето со посебни потреби коешто се движи со помош на количка, се фиксира на ова помагало, се врзува, се поставува и ова помагало со помош на своите гасеници може да совлада 20-30 скали без никаков проблем и да го однесе лицето коешто сака да гласа каде било на гласачкото место и потоа да го симне, исто така без никаков проблем.“,
вели Дерковски.
– Меѓутоа имате четири и претпоставувам дека не можете да стигнете секаде.
„Не може. Веројатно во идниот период лека-полека ќе треба да се набават уште од овие помагала“,
рече Дерковски.

Во земјава има 3.480 избирачки места. За 150-те монтажни рампи и 4-те електромоторни транспортери набавени пред претседателските избори, ДИК од сопствениот буџет потрошила 65 илјади евра. Но, нема систематизиран податок за тоа колку пари трошат јавните институции за подобрување на пристапноста во своите објекти.
Земјава е со делумно пристапни институции
Во 2011 година земјава ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации. Со ова Македонија се обврза да ги реализира препораките од Конвенцијата, вклучително и оние што се однесуваат на изборниот процес.

„На генерално ниво имаме институции кои се целосно пристапни, имаме институции кои досега воопшто не смогнале сили поради организациски аспект или финансиски аспект, или нема доволно сензибилизација и не ја направиле таа пристапност, меѓутоа на генерално ниво мислиме дека релативно делумно се пристапни институциите во државата“,
вели Спасе Додевски, претседател на Национално координативно тело.
Владата преку министерствата до институциите испраќа насоки како да ги направат објектите попристапни. Тие, пак, им враќаат квартални извештаи за напредокот. Кога ќе се констатира дека некоја институција не реализира одредена препорака, се разговара со раководството за да се проверат причините.
„Ако се работи за финансии, правиме координација со Министерството за финансии, со Владата, со другите релевантни министерства и субјекти. Ако се работи за каква било друга причина, ја надминуваме за да може да се отвори процесот и тоа министерство или тие институции да ја коригираат пристапноста“,
вели Додевски.
Законот за спречување и заштита од дискриминација предвидува глоба од три илјади евра за правните лица што ќе извршат дискриминација според оваа основа. Луѓето со попреченост можат да поднесат и тужба без да бидат оптоварени со судски трошоци.
Нецели четири месеци за да се подобрат работите
Следни најверојатно ќе бидат најавените предвремени парламентарни избори во април.
„Сè поголем е бројот на луѓе со попреченост кои имаат волја да гласаат заради тоа што апелирајќи вака и соработувајќи директно со Државата изборна комисија, сè поголема е волјата на лицата со попреченост да гласаат. Така што сметам дека неблагодарно е да се рече дека ништо не се поместува од мртва точка, меѓутоа имаме уште многу работа“,
вели Стојановска-Џинговска.
Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската Влада.
