Судењето за предметот ТНТ е во трка со времето, бидејќи на една од поротничките во овој случај утре ѝ истекува мандатот. Според „Службен весник“, судијата поротничка Лилјана Ивановска-Кочковска е избрана на седница на Судскиот совет одржана на 24.12.2015, а нејзиниот мандат е во траење од четири години. Од утре Ивановска-Кочковска повеќе нема да има мандат како судија поротник во овој предмет, а поради навршување 60 години, нема да може да биде избрана повторно за судија поротник.

Ова е еден од предметите пред Кривичниот суд кои немаат резервни поротници, што значи дека денешното рочиште е последно за судот да изрече пресуда, во спротивно предметот ќе мора да започне од почеток.
Судечкиот совет на денешното рочиште направи напор судењето да продолжи иако од одбраната имаше обид рочиштето да биде одложено. Поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, не се појави во Кривичниот суд утринава, затоа што, како што кажа неговиот адвокат, синоќа бил претепан од непознати лица. Судијата Огнен Ставрев, и покрај тоа, и порача на одбраната да го повика Трајковски во судот или во спротивно ќе биде приведен со полициска придружба. Тој рече дека стапил во контакт со надлежниот лекар во Ургентниот центар, кој му кажал дека Трајковски е во добра општа состојба.
Судењата за овој предмет беа проследени со обиди на одбраната да го одолговлекуваат процесот и да ги одложуваат рочишта. Отсуството на Трајковски од денешното рочиште е последен во низата настани во последните недели што го доведуваат во прашање приведувањето кон крај на процесот, кој е во трка со времето, затоа што на судијката-поротничка Лилјана Ивановска-Кочковска утре и истекува 4-годишниот мандат. Тоа е основа за судењето да почне од почеток.
Освен Трајковски, обвинети во ТНТ се експремиерот Никола Груевски, кој пребега во Унгарија и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Повеќе за овој случај прочитајте ТУКА.