Сите избори во подограноци, ограноци, форуми на жени и млади како и на Конгресот поминаа во најдобар можен ред транспарентно и демократски.
Вака пратеникот на ДУИ Артан Груби за „360 степени“ ги коментира написите во некои медиуми дека на вчерашниот Конгрес, ДУИ расчисти со некои кадри кои се во партијата од основањето.
„Сите остануваат во ДУИ никој не е отстранет“, вели Груби, на конкретното прашање, зошто поранешниот високи финкционери како Рафиз Алити, Муса Џафери, доскорешниот прв човек на огранокот на Чаир Бекир Асани, но и неодамна реконструираниот, вицепремиер за Рамковен договор Хазби Лика и актуелниот вицепремиер Садула Дураки не се во Централниот одбор или на некоја од повидните партиски функции.
На вчерашниот конгрес лидерот Али Ахмети кој ја води ДУИ од основањето, едногласно повторно е избран да ја води партијата.

Во Централниот одбор меѓу над 100 -ината членови се и министрите во владата Бујар Османи, Крешник Бектеши, Арбер Адеми, Хисен Џемаили, Насер Нуредини, од Собранието Талат Џафери, Артан Груби, Бранко Маноиловски, Ејуп Алими, Џеват Адеми, Агим Шакири, Мирсада Емини Асани, Реџаил Исмаили и Шпреса Хадри како и локалните функционери Теута Арифи (Тетово), Висар Ганиу (Чаир), Блерим Беџети (Сарај) Рамиз Мерко (Струга) и претседателите на партиските ограноци.
Хазби Лика, кој беше вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор беше реконстриуран летото, по забелешките дека не доаѓал на работа. При таа реконструкција, Садула Дураки беше назначен за вицепремиер и министер во новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, а си замина од претходната функција како министер за екологија, каде ретко имаше јавни настапи и беше во сенка на тогашниот и актуелен заменик министер Јани Макрадули.
Инцидентот со „пајакот“
Меѓу сите овие имиња кои не се најдоа во Централниот одбор на ДУИ најконтроверзен е Бекир Асани, кој долги години беше на чело на огранокот во Чаир, но во јавноста стана познат по бројните инциденти што беа регистрирани и во МВР.
Првиот од нив беше во 2008 година кога го нападна новинарот Лирим Дулови во 2008 година во Собранието, па со нападот врз претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров во март 2016 година при поставувањето темели за крст во населбата Бутел.
Последниот е нападот врз полициската службеничка Јасмина Јаначкова во 2018 година во инцидентот кај „Мавровка“, при отстранување на неговото непрописно паркирано возило, настан кој по првичната верзија доби и друг тек, со тврдењето на службеничката дека сама се удрила во „пајакот“. Случајот стаса до Јавното обвинителство, но обвинителот констатирал дека кривичното дело напад врз службено лице не може се гони по службена должност и ја затвори постапката против Асани.
Констатирано беше дека Асани кон Јаначкова упатил само навреди и вулгарности за да ја омаловажи и беше поведена само прекршочна постапка за нарушување на јавниот ред и мир со глоба од 600 до 800 евра.