Низа ветувања за екологијата и економијата, за субвенции и покачувања на плати и пензии даде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неговото обраќање на собирот „Обновата доаѓа“, којшто опозицијата го организираше денеска во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје.
Така, Мицскоски зборувајќи за најактуелната тема периодов во земјава – загадувањето и животната средина, рече дека владата што ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ во својот четиригодишен мандат ќе вложи не помалку од една милијарда евра во оваа област.
„Проекти за енергетската ефикасност и брза, експресна гасификација на Македонија. Не можам да ви ветам дека веднаш ќе почне да дува чист алпски воздух, но можам да ви ветам најмалку 50 отсто почист амбиентален воздух“, вети Мицкоски.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, во својот пандат ќе има капитални инвестиции и реализирани проекти од најмалку две милијарди евра. Друго ветување кое го даде е и дека идната влада ќе испорача проекти преку странски и домашни инвестиции вредни не помалку од четири милијарди евра. Во однос на платите вети два пати годишно раст на просечната плата, како и враќање на стариот модел за раст на пензиите два пати во годината
Мицкоски зборуваше и за образованието и здравството. За првата област порача дека ќе се реновираат студентски домови, а најмалку еден универзитет ќе се најде на Шангајската ранг листа. За здравството, пак, порача крај на, според него, криминалните тендери, и инвестиции од над две милијарди евра во областа за задржување на лекарите во земјава.
Лидерот на опозицијата зборуваше и за правдата која рече ќе стане нивен „бренд нејм“.

Трибината „Обновата доаѓа“ опозицијата ја организира во рамки на кампањата која ја спроведува последните неколку месеци насловена како “Разговори за обнова на Македонија“.