На централната прослава ќе настапат Нокаут и уште неколку музичари од земјава, а во текот на денот ќе има бесплатен влез во археолошките наоѓалишта, музеите и галериите низ цела држава. Во Градскиот парк во Скопје, пак, ќе има претстава за деца и показни вежби од Аријата и МВР
Под мотото „Обединети во слободата“, ќе се празнува годинашниот 8 Септември – Денот на независноста.
Централната прослава за 31 година независност на државата ќе се одржи во паркот Ибни Пајко во Скопје од 19:30 часот, а неа обраќање ќе има премиерот Димитар Ковачевски, како и настапи на познати пејачи и групи и атрактивно шоу на диск-џокеј, соопштија од Владата.
Според најавата, концерт ќе одржат Нокаут, а ќе настапат и Добрила Грашеска, Леана Таки, Светлана Јовановска и Калина Велковска.
Претходно се предвидени активни во текот на целиот ден.
Утрото на 8 септември премиерот Ковачевски со владина делегација ќе положат цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели, Киро Глигоров и Борис Трајковски во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“.
Потоа во претседателската вила на Водно, на свечена церемонија шефот на државата, Стево Пендаровски ќе додели ордени.
„Од 11 часот до 14 часот, во Скопје, во Градскиот парк на Школка ќе се одржи манифестација која вклучува програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат куклената претстава „Лакомата Меца“, како и тактичко показни вежби на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи“,
најавија од Владата.
Од 11 часот започнува и „Отворен ден за граѓаните“ што ќе значи дека во сите културни установи, музеи и галерии во целата Република ќе има бесплатен влез.
Во Скопје, за сите заинтересирани граѓани ќе бидат отворени Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, како и Даут пашиниот амам и Чифте амамот.
Бесплатен влез ќе има и во археолошките наоѓалишта „Стоби“ и „Хераклеја“, Музејот Охрид и Куќата на Робевци, музеите и заводите во Прилеп, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија“.
Граѓаните и во Битола, ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука, како и Музејот на Западна Македонија во НОВ во Кичево.