Европската иднина на С. Македонија значи шанса за сите деца на Илинден во кои државата мора да вложува. Ова од Мечкин Камен во Крушево го порача премиерот Зоран Заев на централната прослава на 2 Август – Илинден.
Заев рече дека С. Македонија доби највисоки оценки од Европската Унија и може да ги започне преговорите за членство час поскоро и да го забрза политичкиот процес на обединување со европското семејство на кое му припаѓа географски, културно и цивилизациски.
„Сите ние сме вложени во иднината затоа што сме спремни за уште повеќе реформи, затоа што носиме и градиме европски вредности и одиме кон Европската унија. Сите ние сме определиени за иднината бидејќи патот на интеграцијата е пат кон перспективите, тоа е пат кон инвестициите, кон нови работни места, кон повисоки плати и кон повеќе пари за граѓаните. Тоа значи шанса за сите граѓани, тоа значи шанса за сите деца на Илинден во кои државата мора да вложува максимум и за кои институциите ќе мора да се грижат еднакво и квалитетно“,
рече Заев.
Премиерот најави продолжување на политиката на надминување на поделбите велејќи дека тоа е патриотска должност. Посочи дека Мечкин Камен не треба да биде камен на сопнување, туку камен темелник на помирувањето.
„Се обединивме со соседите, се обединивме и со западноевропското семејство. Што е впрочем Илинденското востание ако не крик за европска С. Македонија како напредна република на Балканот? Затоа велам дека Илинден е повик за обединување. Делбите не се патриотизам“,
порача премиерот.
Заев рече дека денеска граѓаните гордо стојат пред македонското знаме, гордо ја пејат македонската химна, гордо зборуваат на својот мајчин јазик. Рече дека е горд што е заокружен процесот на меѓународно признавање на С. Македонија.
Во голем дел од својот говор Заев зборуваше за многу историски ликови, посебно за оние кои се опеани во државната химна, потенцирајќи го нивното значење и аманетот што ни го оставиле за да изградиме современа земја.
„Што им е заедничко на илинденците од 1903 година и на илинденците од 1944 година? Химната и Републиката. И хероите од нашата химна Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Сандански, како и хероите од НОБ ги именуваа нивните одреди по нив. Славните прилепчани основаа партизански одред „Гоце Делчев“ затоа што веруваа во неговите зборови. Славните крушевчани основаа одред „Питу Гули“, а битолчани основаа одред „Јане Сандански“ затоа што знаеја дека неговата омилена здравица е за независна Македонија. И илинденците од 1903 година и вторите илинденци од 1944 година се бореа за иднината, а не за минатото и затоа ние сега сите сме деца на Илинден. Затоа во химната е вградено знамето на Крушевската Република“,
рече Заев.