Министерката за труд и социјала вели дека состојбата будно се следи и ако бројот на заболени расте, вели, градинките нема по секоја цена да останат отворени
Вкупно 18 деца и 55 вработени во градинките досега заболеа од ковид-19, информираше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Таа вели дека бројот на заболени деца и вработени во градинките во последните две недели се зголемува, но генерално нивната здравствена состојба е добра.
Во периодот од 6 до 19 октомври се регистрирани шест дечиња и 21 вработен позитивни на вирусот. Според министерката, трендот е ист како и епидемиолошката состојба во земјава.
„Здравствената состојба на сите што досега беа позитивни дечиња и вработени е добра. Немаме хоспитализација, освен оние две што претходно се завршени. На голем дел периодов им заврши изолацијата, така што, генерално, здравствената состојба на децата и вработените во градинките е добра“,
изјави Шахпаска одговарајќи на новинарски прашања по посетата на градинката „Темјанушка“ во Гази Баба.
Во моментот во изолација се вкупно 309 деца и околу 50-ина вработени.
Шахпанска вели дека состојбата се следи и ќе се носат одлуки во консултација и соработка со здравствените и локалните власти.
„Будно се следи состојбата. Ќе носиме одлуки заедно со локалните самоуправи затоа што не секаде епидемиолошката состојба е иста. Најважен капитал е здравјето на граѓаните и на најмладите“,
рече Шахпаска одговарајќи на прашањето дали се размислува за затворање на градинките.
Претходно, Шахпаска изјави дека во градинките состојбата е стабилна, но рече дека доколку се утврди дека бројот на заболени од ковид-19 се зголемува, нема по секоја цена да останат отворени.