Работите започнале пред околу две недели и веќе се во напредна фаза, а нивното завршување се очекува до крајот на овој месец

Еден од најпрепознатливите симболи на Струга – регулацискиот објект познат како дрвениот мост, се реконструира и санира, информираат од АД ЕСМ, кои ги имаат почнато овие активности преку својата подружница ХЕС „Црн Дрим“.
Објектот е важен бидејќи преку него се врши регулација на истекот на водите од Охридското Езеро во реката Црн Дрим, а со тоа се обезбедува и заштита на градот од поплави.
Директорот на Подружницата ХЕС Црн Дрим, Гоце Божиновски, информира дека работите започнале пред околу две недели и веќе се во напредна фаза, а нивното завршување се очекува до крајот на овој месец.
„Со овој зафат, мостот ќе го задржи својот автентичен изглед и историски карактер, со што ќе се обезбеди негова целосна функционалност за регулација на истекот на водата, како и зголемена безбедност на пешаците кои секојдневно поминуваат преку него“,
вели Божиновски.
На тој начин, објектот ќе продолжи да ја има својата значајна улога и како дел од хидросистемот на Црн Дрим и како симбол на градот Струга, препознатлив за граѓаните и за туристите.
Од АД ЕСМ нагласуваат дека остануваат посветени на унапредување на хидротехничките објекти и на примената на современи стандарди за управување со водните ресурси.
Во наредниот период, ЕСМ ќе изготви основен проект за автоматска контрола на испустот и далечинско управување со нивото на Охридското Езеро и реката Црн Дрим, со цел да се обезбеди поефикасна и еколошки одржлива регулација.
Со зачувувањето и модернизацијата на овој објект, АД ЕСМ потврдува дека вложува во проекти кои ја спојуваат традицијата со современото инженерство и кои имаат позитивен придонес за локалната заедница, животната средина и за развојот на целиот регион.