Од Министерството за внатрешни работи велат дека 43-годишниот П.Ч и неговиот малолетен син биле убиени брзо по нивното пристигнување во куќата на 63-годишниот П.Ѓ
Според првичните сознанија кои ги објави Министерството за внатрешни работи, извршителот на двојното убиство кое се случи вчера во Прилеп, 63-годишниот П.Ѓ околу 15 часот се јавил на својот внук од сестра и го поканил да дојде во неговиот дом, притоа инсистирајќи со него да го земе и неговиот малолетен син. Набрзо по нивното пристигнување во неговиот дом, тие биле убиени.
Во периодот од 15 часот и 30 минути до 16 часот, се слушнале истрели од оружје и како што велат од СВР Битола, најверојатно тоа е моментот кога таткото и синот биле убиени, но никој во градот не пријавил било какво пукање во тој момент.
„Според сознанијата до кои дојдоа полициските службеници од ОВР Прилеп, на фејсбук профил за кој се претпоставува дека е креиран и припаѓа на вујкото П.Ѓ. во 17,10 часот, поставен бил статус со сомнителна содржина каде тој ја прозива својата сестра и внукот (според времето на објавување се претпоставува дека статусот е објавен по убиството на внукот и неговиот малолетен син), објаснуваат од полицијата“,
велат од МВР.
Сопругата и мајка на убиените, по некое време се обидела да ги контактира сопругот и синот, но откако не успеала, самата се упатила пред куќата на вујкото. Таа го забележала автомобилот на нејзиниот сопруг кој бил паркиран до куќата, и се обидела да ги побара, но безуспешно. Вечерта, околу 21 часот таа го пријавила случајот во полиција, по што полициски службеници имале неуспешен обид да влезат во куќата, бидејќи 63-годишникот најпрвин фрлил бомба која испуштила чад, но не експлодирала и започнал да пука кон полицајците, по што тие возвратиле.
Грозоморниот настан завршил околу еден час по полноќ, кога пристигнале и полициски специјалци од единицата „Тигри“, а во 1 и 15 часот, лекар констатирал смрт кај три лица, бидејќи сторителот на двојното убиство, извршил самоубиство.
„Во 01:20 часот полициски службеници од ОВР Прилеп во присуство на јавен обвинител извршија увид на ул.„Стеван Апостолоски“ при што од увидот констатирано било дека во куќа со приземје и кат со дворно место пред влезната врата како и во домот беа пронајдени чаури од огнено оружје , како и влезно излезни траги од проектили. Во ходникот на подот пронајдена била и една рачна бомба М93. Исто така на влезот од собата пронајден бил пиштол калибар 9 мм и пиштол калибар 7,65 мм , документи, парични средства како и договори за имот и останати документи“,
се вели во соопштението на МВР.