Скопје вечерва почна да ја одбележува годишнината од катастрофалниот земјотрес кој на 26 јули 1963 година го претвори градот во урнатина и остави голем број граѓани без домови.
Одбележувањето започна со изложбата „Скопска алеја на меѓународната солидарност“ која во Градскиот парк ја организираше Музејот на Град Скопје, а градоначалникот Петре Шилегов во својот говор потсети на солидарноста која дојде од сите страни.

Уште првите денови, рече тој, од сите страни на светот пристигнуваат донации од медицински средства, крв, вода и храна, како и војници и машинерија за расчистување. Во годините потоа, Скопје како донации ги доби и Музејот на современа уметност, Универзална сала, МКЦ, Хидрометеоролошкиот завод, Детската болница во Козле, Поликлиниката Букурешт, како и цели населби во Тафталиџе, Ѓорче, Драчево…

„Тука морам да ги споменам и да им се заблагодарам на сите поединци кои му помогнаа на Скопје кога му беше најтешко. Да ве потсетам само на девојчето со име Гудвин Мец од Германија, што целата своја заштеда од касичката ја испраќа за настраданите од земјотресот или на младата јапонска студентка Еико Музики којашто го донирала својот дијамантски прстен, пренесуван со генерации во семејството. Ретки се градовите што доживуваат катастрофи од вакви размери, но уште се поретки тие што се издигнале со помошта на целиот свет. Токму затоа Скопје припаѓа на светот. И токму поради светската солидарност ние го имаме светот во мало. Погледнете ги само имињата на нашите улици: Осло, Багдадска, Финска, Стокхолмска, Париска, Лондонска, Московска, Мексичка … Тие и денес говорат за солидарноста на светот“,
рече Шилегов.
Зборувајќи за улиците, тој најави дека годинава ќе заврши процедурата на враќање на старите имиња на повеќе скопски улици, како што е Мексичка.

Шилегов не го заборави ниту „Скопје 2014“, порачувајќи не смееме да дозволи овој проект да продолжи да го уништува тоа што останало.
„Заради ова е важно и да нема нови градби од типот на Шпанските скали. На Скопје му требаат нови паркови и нови зелени површини, околу ова прашање сите се согласуваме. Ние, сегашните жители на Скопје ќе продолжиме да градиме мостови, паркови, булевари и ќе продолжиме да се грижиме и да го сакаме Скопје, затоа што Скопје е нашиот дом, нашиот најубав град“,
порача градоначалникот.
Вечерашната изложба во Градскиот парк е еден дел од одбележувањето кое годинава е под строги здравствени протоколи.

Во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ се одржа и крводарителска акција. Одбележувањето ќе продолжи утре со положување цвеќиња на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел, а во паркот на МКЦ ќе се одржи мултимедијалниот настан „МКЦ за Скопје“.