Според информациите, охриѓанецот починал на самото место, а тројцата негови сопатници биле пренесени во гостиварската општа болница „Ферид Мурад“ за укажување медицинска помош
Четириесет и деветгодишен охриѓанец го загубил животот, а три лица – странски државјани се повредени во сообраќајна несреќа што денеска се случила на магистралниот пат Кичево – Гостивар, на превојот стража.

Сообраќајката, како што информираат за „360 степени“ од СВР Тетово, се случила кога автомобилот, со кој патувале охриѓанецот и тројцата странски државјани (двајца од Велика Британија и еден Суринам), удрил во паркирано товарно возило на „Македонија пат“.
„Денеска околу 12 часот во СВР Тетово пријавено е дека на магистралниот пат Кичево – Гостивар на превојот Стража патничко моторно возило ‘фолксваген шаран’ со охридски регистарски ознаки управувано од 49-годишниот Б.Н. од Охрид удрил во товарно моторно возило ‘рено’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на ‘Македонија пат’“,
информираат од СВР Тетово.
Според информациите, возачот починал на самото место, а тројцата негови сопатници кои се здобиле со повреди биле пренесени во гостиварската општа болница „Ферид Мурад“ за укажување медицинска помош.
На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и екипа на гостиварската полиција.
