Ист степен на умерена подготовка се констатира и кај борбата против корупцијата, која, како што се наведува, е распространета во многу области, но се истакнува дека е постигнат добар напредок во делот на истрагата, гонењето и судењето случаите на висока корупција
За слободата на медиумите се наведува дека состојбата и климата во која работат медиумите остануваат генерално погодни и оти се овозможува критичко известување, но се забележува дека во периодот на кризата со ковид-19 и во контекст на парламентарните избори имало зголемени тензии. Забелешка има за рекламирањето
Зајакнување на демократијата и правото, со вклученост на опозицијата во парламентот, во мирна меѓуетничка атмосфера и со активно учество на граѓанскиот сектор, умерена подготвеност за реформи во судството, јавната администрација и борбата против корупцијата. Медиумите се генерално слободни, а забелешки има за третманот на притворените и осудените лица и за итно донесување закон за заштита од дискриминација, додека договорите со Бугарија и Грција се истакнуваат како пример за добрососедство во регионот.
Ова е содржано во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на напшата земја, до кој дојде „360 степени“, а ќе биде објавен попладнево.
Во него се содржани оценки за пет критериуми: политичките и владеењето на правото, економскиот развој и конкурентноста, добрососедските односи и регионалната соработка и подготвеноста за исполнување на обврските од членството.
Умерена подготвеност за реформи
Во делот на политичките критериуми, се посочува улогата на Собранието како главен форум за конструктивен политички дијалог, кое ја исполнило својата улога преку усвојување голем број закони поврзани со ЕУ. Но, забелешката е дека Собранието многу често носело закони по скратени постапки, што според ЕК треба да биде ограничено.
Тековната реформа на разузнавачките служби се оценува во согласност со препораките и владеењето на правото, со забелешка дека треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор.
Подготвеноста на земјата за реформа на јавната администрација се оценува како умерена, со одреден напредок во однос на транспарентноста, преку усвојување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, операционализација на отворениот портал за податоци на Владата и објавување податоци за државните трошоци, а се посочува и работата на Државната комисија за спречување на корупцијата во детектирање на случаите на непотизам, блискост и политичко влијание при вработување во јавниот сектор.
Умерена подготвеност за реформа се нотира и за судскиот систем во земјава, при што се забележува добар напредок во спроведувањето на стратегијата за реформа на судството во контекст на итните приоритети за реформи и препораките од Венецијанската комисија и експертската група за системски прашања за владеење на правото.
Како резултат на преземеното во последниве години, ЕК констатира дека Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независност на судството и отчетност. Како позитивен чекор се споменува и Законот за јавно обвинителство, со кој се најде решение за случаите од Специјалното јавно обвинителство, како и ревидираниот Закон за Советот на јавни обвинители – што според оценката на ЕК ќе придонесе за зголемување на довербата на јавноста во судството.
Случајот „Рекет“ како пример
Ист степен на умерена подготовка се констатира и кај борбата против корупцијата, која, како што се наведува, е распространета во многу области, но се истакнува дека е постигнат добар напредок во делот на истрагата, гонењето и судењето случаите на висока корупција.
Во овој дел се истакнува улогата на Антикорупциската комисија преку отворањето голем број случаи, вклучително и на високи функционери. Во извештајот се посочува предметот „Рекет“, во кој е осудена поранешната главна специјална обвинителка Катица Јанева.
Земјата има одредено ниво на подготовка во борбата против организираниот криминал. Законската рамка која ја регулира борбата против организираниот криминал се оценува дека во голема мера е во согласност со европските стандарди, но се препорачува да продолжи спроведувањето стратегии против организираниот криминал и да се подобри ефикасноста во борбата против перењето пари и финансиски криминал.
Одреден напредок се констатира во борбата против тероризмот и спречување на насилниот екстремизам во согласност со целите утврдени во Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот за Западен Балкан и билатералниот аранжман за спроведување.
Да се донесе законот за заштита од дискриминација
Во делот на заштитата на основните човекови права, ЕК забележува дека законската рамка во земјава во голема мера е усогласена со европските стандарди. Тука се нотира процесот на деинституционализација на децата од домовите во мали групни домови и поддршката за жртвите на родово базарино насилство.
Забелешки во овој дел ЕК дава за третманот на осудените и притворените лица, како и на тоа што нема закон за заштита од дискриминација.
„Одлуката на Уставниот суд да го укине Законот за заштита од дискриминација поради процедурални причини значи дека земјата во моментов нема сеопфатна законска рамка за заштита од дискриминација и соодветно тело за оваа намена. Овој сериозен недостаток треба да го реши новиот парламентарен состав“,
пишува ЕК во извештајот.
Се нагласува и дека Северна Македонија треба да го зајакне спроведувањето на законодавството за да се спречи говорот на омраза, како и да се имплементира националниот Акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција.
Исто така, во извештајот се нотира и оти е завршено воспоставувањето надворешни механизми за надзор на полицијата, но сепак отсуството на независни истражувачи може да биде пречка за ефикасно справување со проблемот на неказнивост на полицијата.
Ограничен напредок во слободата на изразување, медиумите генерално слободни
За слободата на изразување, ЕК нотира дека земјата има одредено ниво на подготвеност / умерено, како и дека постигнала ограничен напредок на ова поле.
За слободата на медиумите се наведува дека состојбата и климата во која работат остануваат генерално погодни и оти се овозможува критичко известување, но се забележува дека во периодот на кризата со ковид-19 и во контекст на парламентарните избори имало зголемени тензии. Забелешка има за рекламирањето.
„Потребно е да се засилат напорите за саморегулација и да се поддржи напредувањето на професионалните стандарди и квалитетот на новинарството. Потребна е и поголема транспарентност од аспект на рекламирањето во медиумите од страна на државните институции, политичките партии и јавните претпријатија“,
пишува во извештајот.
Во однос на јавниот сервис, се нагласува потребата од одржливи решенија за негова независност, професионализација и финансиска одржливост. И за останатите медиуми се вели дека останува предизвик финансиската одржливост и условите за работа. ЕК порачува дека треба да се продолжи со поддршката на плурализмот, професионализмот, непристрасноста и истражувачкото новинарство, како и со борбата против дезинформациите.
Договорите со Бугарија и Грција
Во извештајот на ЕК се поздравува тоа што земјава ги задржала добрите односи со другите земји во регионот и тоа што била дел од регионални иницијативи. Се нагласува и дека е важно да се продолжи со спроведувањето на билатералните договори, нагласувајќи ги Договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.
Ковид-19 ја погоди економијата
Во делот на економскиот развој се нотира дека Северна Македонија е на добро ниво на подготвеност за развој на функционална пазарна економија, но со ограничен напредок, при што се посочува дека кризата со ковид-19 оставила свои последици. Се поздравува подобрувањето на фискалната транспарентност, но има забелешка за реформските процеси во однос на даночната политика и пензискиот систем, како и на јавниот долг, кој се оценува дека не е стабилизиран.
ЕК забележува дека земјата во повеќе области е умерено подготвена да ги преземе нејзините обврски од членството во ЕУ, како што се конкурентноста, финансиската контрола, транспортот, енергијата. Добро ниво на подготвеност, пак, е нотирано во законодавствата за стопанството, царинската унија, транс-европските мрежи, науката и истражувањето. Во рана фаза се оценува дека е подготовката за слободно движење на работниците, додека за наредниот период се нагласува дека е потребно да се стави фокус на административните капацитети.
Во извештајот на ЕК дел се посветува и на мигрантите и се нагласува дека Северна Македонија игра активна и конструктивна улога во управувањето со миграциите. Земјата е една од главните транзитни рути, и ЕК забележува дека ефикасно соработува со соседните и земјите членки на ЕУ. Во овој дел ЕК нотира дека сѐ уште не е потпишан договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, а нагласува и дека треба да се реши проблемот со честите шверцерски активности на северната граница.