„360 Степени“ дојде до дел од имињата на кандидатските листи на СДСМ.

Владејачката партија во моментов на Конгрес зад затворени врати ги утврдува имињата за кои попладнево одлучил Централниот одбор на партијата.
Претседателот на партијата, Зоран Заев во обраќањето на Конгресот во победничка атмосфера ги набројуваше проектите што ги реализирале во нивниот мандат. Тој нагласи дека успешно го спровеле проектот со кој ги враќаат парите назад кај граѓаните.
„Затоа е укината е радиодифузната такса, воведовме евтина дневна тарифа на струјата за помали сметки во семејствата, ги намаливме трошоците за катастар, за адвокатски, нотарски и извршителски услуги, сериозно ги намаливме и казните за физичките лица, за 300 отсто ја зголемивме социјалната помош, го проширивме опфатот на детски и образовен додаток, а воведовме и социјална пензија. Субвенциите за земјоделците ги зголемивме и ги исплаќаме навремено, а 55.000 земјоделци набавуваат нафта за 30 отсто поевтина. Над 8,5 милиони евра враќаме директно на сметките на граѓаните преку мерката мој ДДВ“,
истакна Заев.

Тој навести дека во некои сегменти преостанува уште многу работа, како на пример во правосудството.
„Требаше време, но по серија реформски закони, конечно донесовме нов, ефикасен и современ Закон за Јавно обвинителство. Предметите ќе имаат завршница. Политичарите остануваат на страна од обвинителите и судиите. Нема скриени амнестии. На некого ова не му се допаѓаше, но оние кои се за правда надгласаа со две третини во Собранието. Сега правосудството е на ред да испорача правда без да се соочува со политички притисоци. Тоа не е само мое или ваше очекување. Тоа е очекување на сите граѓани, на сите наши пријатели и сојузници. Затоа и во следниот период ќе работиме на поддршка на судството да делува независно, неселективно и професионално“,
заклучи Заев.
По завршувањето на работниот дел од Конгресот, ќе бидат соопштени и целосните кандидатски листи за претстојните парламентарни избори.