Македонија доби Закон за скијалишта. Воведени се правила за скијачите. За нив, најинтересна е забраната за скијање под дејство на алкохол.
Скијачките центри, пак, се должни на посетителите да им ги обезбедат сите потребни услови. Скијачите се жалат дека патеките се слабо обележани и дека при магла можат да се изгубат.
Повеќето познавачи се согласуваат дека скијачката култура во земјава е на ниско ниво. Директорот на ски – центарот „Заре Лазарески“ во Маврово Огнен Циговски смета дека за тоа не се виновни само скијачите, туку и ски – центрите.
Законот е европски, но како ќе се реализира на македонските патеки?
И мавровската белина сега е ставена во законски рамки
Законот за скијалишта стапи на сила од 1-ви јануари годинава. Во него има правила за однесувањето на скијачите, кои можат да бидат казнети со одземање на ски – билетите. Има и одредби што треба да ги почитуваат ски – центрите, а глобите за нив се до три илјади евра.
Ако објасниме со сообраќаен речник би изгледало вака: за скијачите забрането е запирање и паркирање на сред пат, треба да ја прилагодат брзината според возачкото искуство и условите на патот, треба да се носи зимска опрема, забрането е возење под дејство на алкохол, дроги или лекови за смирување и многу други правила. Токму последново најмногу го привлече скијачкото внимание.
„Прво што се запрашав за законот, а ми дојде многу интересно, беше за алкохолот. Другото може да се прифати, се е во ред кога би споредиле во странство и кај нас. Но за алкохолот, прво што се запрашав е кој е тој што би го мерел алкохолот на еден скијач. Меѓутоа алкохолот и скијањето не одат заедно, сите знаеме“, смета Кристина Јованоска.
Дарио Марковски е ски – инструктор кој своето искуство најчесто го градел во големите европски ски центри. Раскажува дека дувањето во апаратот за алко тест, всушност, таму е реалност. „Интересно беше тоа што го забележав во Италија додека скијав. Покрај патеките имаше ски патрола со моторна санка и доколку некој од скијачите чудно или сомнително се однесува, имаат право и нивна работа е да направат алко тест. Ако алко тестот биде позитивен, му се одзема ски картата на скијачот. Истото се случува доколку скијачот одбие да му биде извршен алко тест. Сега за сега ние сме далеку од тоа, но се надевам дека има доволно простор за тоа да се случува и кај нас“.
Скијачите треба да почитуваат правила, но тие истото го бараат и од ски – центрите. Всушност, санкциите најчесто се однесуваат на правните лица, доколку не им ги дадат соодветните услуги на посетителите.
„Дојдов овде после 20 – 30 сантиментри нов снег. Во 10 часот сабајле не беше исчистен ниту еден паркинг. Над 100 возачи се боревме, едно по едно возило, да ги извадиме од снег, за да дојдеме да скијаме. На менаџерот или сопственикот на центарот, треба ние да чистиме, за да дојдеме пари да му оставиме. Прво, основни безбедносни услови нема на патекиве, а да не зборуваме за луксуз или одбележани патеки. Долу има патека со провалија каде што може да се падне, а нема ставено ниту еден знак“, се жали Кристијан Ѓорѓиевски.
Скијачкиот центар мора да има и соодветно опремени спасувачки и медицински тимови. Во Маврово тврдат дека веќе ја имаат сета потребна опрема.
„Ги имаме сите потребни средства. Моторна санка со приколка за да можеме да пристапиме и да го згрижиме повредениот. Имаме специјален ратрак за таа намена обележан со црвен крст, кабински, за згрижување на повредените. За по патеките имаме и корито за носење на повреден и евентуално интервенираме со ратрак кој е соодветно обележан и со ротациони светла“, тврди спасувачот Иван Спиридоновски.
Скијачките центри сеуште немаат ангажирано редарски служби кои, според законот, треба да го контролираат однесувањето на посетителите. Кога има густа магла, скијањето треба да биде забрането.
„Би требало да има ски патроли кои би требало да контролираат, како што има на другите ски – центри надвор од Македонија. Мислам дека тоа може да се оствари. Мислам дека во Маврово имааше ски – патрола, незнам дали сеуште функционира“, вели Грегор Стојановски.
Законот предвидува дека ски – инструктор може да биде само лице со соодветна лиценца, но кај нас нема институција што ја издава. Затоа инструкторите одат по неа во соседството, најчесто во Црна Гора.
„Овој закон, ако го споредиме со другите земји, мислам дека е доста блиску, но сепак треба некои работи да се сменат, за да го направиме како што доликува. Овој закон е 90 проценти супер, а останатите 10 насто е малку потешко да се следат, зашто правилата се буквално нелогични“, смета ски – инструкторот Мирковски.
Инструкторите најчесто подучуваат млади скијачи и велат дека ски културата кај нас е на многу ниско ниво. Љубителите на снежните спортови не се доволно информирани за правилата и новиот закон.
„Секој да добива со ски картата и рекламни материјали за да може да си прочита, бидејќи не верувам дека тој што сака да скија ќе го прочита тој закон“, вели ски – инструкторот Александар Анастасоски.
Македонската скијачка гордост, олипиецот Дарко Дамјановски, на падините на Бистра се подготвува за следните натпреварувања. Смета дека ќе бидат потребни години за нашите скијалишта да заличат на европските. „Јас мислам дека Македонија има доволно средства, моќ и луѓе кои излегле и прошетале и мислам дека за рок од 5 години може да се променат нагло работите и да дојдеме на едно ниво на кое се европските центри“.
А од странските туристи последниве години Маврово е најпосетено со скијачи од Албанија и Косово. Тие немаат никаков проблем со овдешните услови за скијање.
„Ми се допадна тука. Скијав за прв пат. Ова е едно фантастично место. Не сум била на друго место за скијање. Прв пат доаѓам“, вели Аријана од Албанија.
Во очекување на ефектите од Законот за скијалишта се поставува прашањето: дали тој конечно ќе донесе ред на ски – патеките или само дополнителни трошоци за ски – центрите и нови забуни за скијачите?
Како реализацијата на ново законско решение ќе изгледа на терен ќе можеме да видиме дури следната скијачка сезона. Скијачите и ски – центрите имаат период од 6 месеци да се прилагодат на него. До тогаш, сите се согласуваат дека безбедноста треба да биде на прво место, но секој си ужива на снегот на свој начин.
Покрај скијачите, опфатени се и сноу бордерите и останатите, како што се вели во законот, што се дел од други зимски спортски активности. За нив важат и дополнителни правила.
Лицата со сноу борд, покрај останатите мерки, се должни да ги знаат и мерките кои се во согласност со меѓународните спортски активности – правилата на ФИС. Прашавме еден сноубордер дали ги знае правилата на ФИС? Еве што одговори: „Не ги знам правилата на ФИС, јас само рекреативно си бордам. Се надевам ќе има време да ги научиме“.
Не е јасно дали законот ги опфаќа и санкачите, но бидејќи и тоа е зимска спортска активност, за да поминат неказнето веројатно и тие ќе треба да си ги научат меѓународните стандарди.
„Не ги знам правилата, ќе санкаме со постарите, ќе се информирам за следниот пат, а сега за сега ќе се штитам како знам и умеам“, рече еден санкач.
Во ски – центарот „Заре Лазарески“ во Маврово не се загрижени за реализацијата на законот и глобите. Наспроти жалбите на скијачите, велат дека ќе треба да постават уште информативни табли и да воведат редарска служба. Повеќето од другите одредби од законот, како обележување на патеките, достапност за сите посетители, навремена обработка на снегот и слично, и до сега ги почитувале. Сепак, бараат поддршка и од државата.
„Не мислам финансиски, туку помагање во однос на инфраструктура или патишта и паркинзите. Конкетно сега најсвежо е проблемот со паркинг во Маврово, проблемот со патот во Маврово, дали е исчистен“, изјави Огнен Циговски – Директор на ски – центар „Заре Лазаревски“ – Маврово.
Во законот стои дека работата на ски – центрите ќе ја котролираат спортски инспектори. Тие се под надлежност на Агенцијата за млади и спорт. Но, засега ги има само двајца.
„Мислам дека тоа допрва треба да се случува. Како што ние имаме 6 месеци да се прилагодиме на на новиот закон, претпоставувам дека и државата треба да превземе некои чекори“, додава Циговски.
Кај нас важи традиционалното правило – чашка алкохол за да се загрееш. Но тоа сега не е дозволено на ски – патеките. Да се надеваме дека скијање под дејство на чај со рум нема да биде проблем за надлежните.
Напишете коментар