Според бугарскиот весник, компромисот се очекува во текот на следната недела, така што Бугарија ќе добие гаранција дека во секое време ќе може да ја блокира С Македонија откако земјава ќе ги почне преговорите
Гаранција за Бугарија во секое време да може да ја блокира С Македонија во Европската Унија, а во „замена“ С Македонија да може да ги почне преговорите за членство. Ова, според софискиот „24 часа“, е компромисот што треба да се случи во текот на следната недела.
Како што објавува весникот, идејата на влијателни европски политичари е да и се гарантира на Бугарија дека нема „повеќе да биде измамена“, но и на Скопје дека нема да ја изгуби шансата за полноправно членство во ЕУ.
“Бидејќи повеќето наши барања, како што е отстранувањето на говорот на омраза од учебниците, не се нешто што се случува веднаш, Бугарија ќе има право на вето во секое време“,
пишува „24 часа“.
Според бугарскиот весник, тоа може да се случи ако сите спорни прашања бидат вклучени во патоказ за членство на С Македонија, што ќе го одобри Советот на ЕУ. Така, во случај на непочитување на договорите или неисполнување на која било од обврските, Софија во секое време ќе може да наметне вето.
За разлика од денешната охрабрувачка вест, „24 часа“ вчера објави дека Бугарија не е сама во блокадата на РС кон ЕУ, туку дека има поддршка од најмалку уште две земји на ЕУ, меѓу кои Холандија и Данска.
За оваа вест, весникот се повика на дипломатски извори во Брисел, посочувајќи и на статус на фејсбук на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
Но, информацијата многу брзо беше демантирана и квалификувана како лажна вест.