Портокаловата боја на земјата и уништената вегетација се првиот знак дека нешто не е во ред на ова место. Над еден милион тони арсен, антимон и хром тивко демнат во депонијата на поранешниот рудник кај селото Лојане, кумановско.
Иако овој рудник е затворен уште од 1970-тите, остатоците од арсен сулфид, кој се смета за еден од најголемите отрови, се наоѓаат речиси во дворот на училиштето „Рилиндја“ каде што настава посетуваат над 400 деца од селата Ваксинце и Лојане.
Наставникот Африм Зимери стравува за своето, но пред се, за здравјето на учениците. Загрижен е дека се околу нив е неповратно контаминирано, особено со „кралот на отровите“, како што го нарекуваат арсенот.
„Ги советуваме, многу пати доаѓав на ова место со учениците и им разјаснував некои од основните работи за тоа е колку ризично. Гледате, дури и сега кога стоиме овде го чувствуваме мирисот на ветрот со арсен. Ние секогаш ги советуваме учениците да не се доближуваат до ова место, особено на ова место каде што стоиме, бидејќи со самото дишење ние го чувствуваме арсенот“, вели Африм Зимери – Наставник во ОУ „Рилиндја“.
Горчливиот мирис на арсенот предизвикува страв кај населението. Долго чекаат на информации од надлежните. Во меѓувреме, самите се информирале колку и какви
„Ние никогаш немаме добиен одговор или не дојде некој да ни објасни зошто не е дислоциран. Најважно е дека ние знаеме дека е штетно и не се преземени мерки за да се распореди или да се покрие овој дел, кој е со арсен, каде што се вели дека има околу еден милион тони арсен на овој простор“, вели Зимери.
Според светската листа на опасни супстанции, арсенот е на врвот по токсичност за човекот. Долготрајното изложување значи тешки последици по здравјето на луѓето, честопати со трагичен епилог. Затоа се вели дека арсенот убива бавно и невидливо. Пред векови бил употребуван и како лек, но и како идеален отров.
Се верува дека многу императори легнале на смртна постела труени со арсен, а и болестите на врвните сликари Сезан, Моне и Ван Гог му се припишуваат на арсенот.
Професорот по хемија Трајче Стафилов многу добро ги познава овие убиствени својства на арсенот. Предупредува дека не само кај рудникот туку и во целиот регион е променет геолошкиот состав.
„Арсенов концентрат над селото, 10.000 тони чист арсен сулфид, ние зедовме примероци, ги анализиравме. А, ова е на Табановце на железничката станица, уште 5000 тони што ги однеле таму, а не ги продале, така стојат, арсен сулфид, отров – еден од најголемите отрови и еве, како водата, дождовите го носат тоа во реките, во ветерот, во воздухот“, вели Трајче Стафилов, професор на ПМФ.
Дождовите одамна го однеле арсенот во водите. Жителите на Лојане самоиницијативно носат примероци од локалниот водовод и од бунарите на анализа во Центарот за јавно здравје во Куманово.
„Ние направивме анализи на многу места во нашите бунари и како резултат на тоа, се покажа дека во водата има 56% арсен, додека дозволено е 10%, на нас ни излезе со 56%, додека кај друг сограѓанин, како што тој ми тврди, водата му била 200% со арсен“, вели Насер Ислами, жител на Лојане.
Сограѓанинот што го посочи Ислами ни ги испрати резултатите од анализата. Можевме да констатираме дека арсенот во неговата вода го има за 2280 насто повеќе од дозволеното.
Ветрот го послал арсенот и на плодното земјиште, а дождовите го впиле длабоко во земјата. Мештаните велат дека речиси 4 децении не виделе никаков бериќет.
Јаловиштето, со помош на УНДП, е делумно покриено со неколку слоеви земја. Но, тоа не е трајно решение, свесни се и во општина Липково, во чиј атар е Лојане. За нив, справувањето со овој проблем бара голема поддршка од државата и помош од донатори.
„Сакам да кажам дека ова е прашање за државата, со ова не може да се справи општината, бидејќи тоа е голема работа. Општина Липково учествува на сите настани организирани од УНДП, на сите состаноци организирани од државата, со цел да се реши прашањето за депонијата со арсен, антимон и хром во Лојане, но како општина немаме таква моќ, немаме ниту право да преземеме нешто во таа насока“, вели Дије Арифи, од Општина Липково.
Од министерството за животна средина велат дека справувањето со жешките еколошки точки за нив е приоритет, но засега тоа го прават само од „својот џеб“.
„Поради моменталниот недостаток на институционална рамка и механизми за финансирање на контаминираните подрачја, Министерството за животна средина и просторно планирање презема мерки за намалување на загадувањето, преку својот буџет и со изнаоѓање на инвеститори (донатори) за решавање на загадувањето во Лојане, како и во сите други „жешки точки“ во Република Македонија“, велат од Министерството за животна средина.
Напуштениот рудник, по 35 години доби концесионер. Министерството за економија во 2014 г. склучи договор за експлоатација со турска компанија.
„Калтун Мадден Челик ДОО Скопје е концесионерот кој на 02.06.2018 има добиено дозвола за експлоатација, а согласно Законот за минерални суровини за отпочнување со работа има краен рок од 2 години“, велат од Министерството за економија.
На нашето прашање дали концесионерот има обврска да ја исчисти депонијата од опасниот отпад, од министерството за економија со одговор:
„Да, имаат таква обврска,односно согласно рударскиот проект, треба да ја дислоцираат надвор од територијата на РМ.“
Експерти на Обединетите нации проценуваат дека за санација на рудникот Лојане се потребни 4,2 милиони евра.
Тоа е премала сума во однос на цена платена со здравје и живот. Од таа „сметка“ стравуваат жителите на Лојане.
„Нашето село има најголем број на смртни случаи, на луѓе кои имаат рак, што е доказ дека тоа во голема мера влијае на здравјето на населението тука… можеби сите ние сме арсен!?“, вели Насер Ислами, жител на Лојане.
Напишете коментар