Вкупно 22 милиони денари повеќе ќе бидат одвоени за Националната годишна програма за јавно здравје за 2020 година во делот за вонредни и кризни состојби, одлучи Владата на денешната седница.
Средствата ќе бидат наменети за исплата на спроведени активности од страна на 10-те Центри за јавно здравје и Институтот за јавно здравје во период од почетокот на кризната состојба до 20.05.2020 година.
„Програма за изменување и дополнување на Националната годишна програма за јавно здравје во Република Северна Македонија за 2020 година, ќе се реализира согласно одобрените средства со ребалансот на Буџетот за оваа година, во висина од 65 милиони денари од кои 55 милиони денари се од Основниот буџет и 10 милиони денари се од сопствени средства на Министерството за здравство“,
информираа од Владата.
На денешната седница се донесени и измени за Програмата за превентивни мерки за спречување на туберкулозата кај населението за 2020 година, Програмата за изменување на Програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери и за обезбедување на средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за корисниците на правото на социјална парична помош како и на членовите на нивните домаќинства.
Измени има и во Програмата за здравствена заштита на лица со болести на зависности, како и во Програмата за превенција на кардиоваскуларни болести (КВБ).
Владата денеска усвои измени и во Програмата за едукација на лекари и медицински персонал и за кофинансирање на специјализација, односно супспецијализација на здравствените работници и здравствените соработници вработени во приватни здравствени установи, други правни лица и невработени.
Ќе се спроведуваат и обуки за вршење на преглед на умрени лица за 2020 година, која ќе се реализира во рамките на одобрените средства согласно донесениот ребаланс на буџетот во висина од 45 милиони денари, од кои 10 милиони денари од буџетот на државава, а 35 милиони денари од буџетот за самофинансирачки активности на Министерството за здравство.
