Дваесет и двегодишната пациентка која во текот на вчерашниот ден починала од компликации со ковид-19 имала дијабет и проблеми со тироидната жлезда, потврдија од Министерството за здравство за „360 степени“.
Младата пациентка пред неколку дена се породила на Клиниката за гинекологија, но родила мртов плод, нејзината состојба била исклучелно тешка и постојано била приклучена на респиратор, велат од Министерството.
„Дваесет и двегодишната пациентка, ковид позитивна, на 26 ноември од ГАК е префрлена во ГОБ ‘8 Септември’ во многу тешка состојба. На Клиниката за Гинекологија била три дена поради комплицирана бременост, породен е мртов плод со царски рез. Нејзината здравствена состојба била многу лоша и пациентката за цело време била на респиратор“,
велат од Министерството за здравство.
Третманот со респиратор продолжил и откако била префрлена во ГОБ „8 Септември“ каде била донесена во критична состојба.
„За време на лекувањето во двете институции преземени се сите мерки на интензивно лекување и покрај тоа пациентката починала на 9 декември. Таа имала дијабет и проблеми со тироидната жлезда“,
велат од Министерството за здравство.