Од одлуката за повлекување на сите војници од Авганистан, администрацијата на Бајден направи повеќе потези да го затвори поглавјето од последните 20 години, декласифицирајќи ја целата серија документи што би можеле да фрлат светлина на 11 септември
Денеска се одбележуваат 20 години од терористичките напади на 11 септември 2001 година. Анализите што следуваа подоцна, покажаа дека се се случи за нешто помалку од 102 минути. Тој ден, 2 996 луѓе загинаа во најстрашниот терористички напад во модерната историја.
„Ги почитуваме сите оние кои ризикуваа и го дадоа својот живот за неколку минути, часови, месеци и години после тоа“,
рече американскиот претседател Џо Бајден во видеопораката во која им оддаде почит на загинатите во нападите.

Тој рече дека „мрачните сили на човечката природа – стравот и гневот, огорченоста и насилството против Американците-муслимани, вистински и верни следбеници на мирољубивата религија“ го нарушиле, но не го скршиле американското единство.
„Научивме дека единството е едно нешто што никогаш не смее да се прекине“,
додаде тој.
Почетокот на најдолгата американска војна
Овој трагичен настан беше причина за најдолгата американска војна – Авганистан, каде според Секретаријатот за одбрана, загинаа најмалку 2 325 американски војници и никој не знае точно колку цивили ги загубија животите.

Но, глобалната војна против тероризмот, како што беше наречена, се протега многу подалеку од малата централноазиска земја Авганистан – достигнувајќи го Ирак и другите делови на светот, дури и Африка. Речиси 4 500 припадници на американската армија и стотици илјади цивили беа убиени во конфликтот во Ирак.
Од одлуката за повлекување на сите војници од Авганистан, администрацијата на Бајден направи одлучувачки потези да го затвори поглавјето од последните 20 години, декласифицирајќи ја целата серија документи што би можеле да фрлат светлина на 11 септември.

Денеска, Бајден ќе ги посети сите три места каде што се започна: Њујорк, каде што во 8:46 часот тој 11 септември, авион на „Американ Ерлајнс“ ја погоди северната кула на Светскиот трговски центар – и каде, 17 минути подоцна, авион на „Јунајтед Ерлајнс“ удри во јужната кула.

Тој ќе го посети и Пентагон, каде што авион на „Американ Ерлајнс“ се урна 34 минути подоцна. Заедно со потпретседателката Камала Харис ќе оддадат почит на жртвите во Шенксвил, Пенсилванија, каде авион на „Јунајтед Ерлајнс“ беше урнат за да се спречи наводниот план на киднаперите да удри во зградата на Конгресот или во Белата куќа.
Затворање на поглавјето
„Претседателот подвлекува линија под последните 20 години“,
вели професорот по историја Џереми Сури од Универзитетот во Тексас во Остин за „Гласот на Америка“.
„Тој се однесува како историчар и вели дека завршивме една ера, исто како и во случајот со крајот на Втората светска војна. И сега е време да донесеме нови одлуки на начин како што Хари Труман донесе нови одлуки по Втората светска војна“,
вели тој.
Сури, кој во своите книги ја анализира работата на претседателот и надворешната политика на САД, смета дека историчарите гледаат одредена логика во тоа како претседателот му пристапува на ова поглавје од историјата.