Како и во претходните маршеви, родителите и нивните поддржувачи со себе носеа фотографии од загинатите деца и транспаренти со пораки за правда и одговорност
Со порака дека трагедијата во дискотеката „Пулс“ не е само уште една црна вест во хрониките, туку човечка болка што не смее да се заборави, денеска во Кочани се одржа 19. протестен „Марш на ангелите“. Родителите на загинатите, заедно со поддржувачи и граѓани, повторно ја испратија порака дека државата мора конечно да ја заврши истрагата и да ја обезбеди правдата која им следува.
„Оваа трагедија не е бројка, не е статистика. Тоа се 62 згаснати животи, 62 семејства во црнина, 62 иднини украдени за миг. Нашата болка е вечна, но не дозволуваме институциите да ја заташкаат и да ја претворат во молк,“
порачаа родителите.

Маршот започна во Паркот на револуцијата, по што поворката помина покрај трговскиот центар, зградата на Општина Кочани, Управата за јавни приходи, полицијата и Основниот суд. На секое од овие места, тие потсетија дека институциите имаат должност да одговорат и да ја расветлат трагедијата.
„Ако институциите дозволат оваа несреќа да заврши во тишина, ако не ја исполнат својата должност, тогаш испраќаат порака дека животот на нашите деца не значел ништо. Тоа ќе биде втора неправда, уште поголема и потешка од првата,“
кажаа тие.
Родителите и денес повторија дека не бараат празни зборови, ниту декларативно сочувство од политичарите и функционерите, туку вистинска разрешница и оти секој кој има одговорност, без разлика на функцијата, позицијата или моќта, мора да биде изведен пред лицето на правдата бидејќи како што кажаа, човечкиот живот нема цена, а нивните загуби немаат замена.
Како и во претходните маршеви, родителите и нивните поддржувачи со себе носеа фотографии од загинатите деца и транспаренти со пораки за правда и одговорност. Маршот заврши на истото место од каде што започна – Паркот на револуцијата во Кочани. Таму, во тишина и со солзи во очите, семејствата уште еднаш потсетија дека борбата за нивните деца не престанува и дека трагедијата во „Пулс“ мора да добие судски епилог.