26 февруари 2004 година. Владиниот авион со претседателот Борис Трајковски, шестчлена делегација и двајца пилоти не стигна до Мостар.
„Се слушнала експлозија и тоа е тоа. Ништо детално не знаеле, ниту каде е, ниту што е, додека овие сами не открија.“ – вели жителка на селото Ротимље.
Локацијата на авионската несреќа е „Матиќ Брдо“ кај селото Ротимље. Но, на официјална потврда се чека 24 часа откако авионот го снемува од радарот.
„Се беше изгорено, се беше пепел, делови од авионот беа на сите страни, можеше да се видат различни предмети и сите беа изгорени, буквално.“ – вели новинарот Нермин Бисе.
Првата истрага заклучи дека причина, најверојатно, е пилотска грешка. Беше направена и втора, која дополни дека придонес имаат и системски недостатоци во одржувањето.
„Ние сме апсолутно подготвени за било каква критика и било кои информации од било кој експерт на планетава земја – нема да промени ни точка ни запирка во тој извештај, дефинитивно.“ – смета истражителот Омер Кулиќ.
Контроверзната смрт само го зацементира местото на Трајковски во историјата – како редок светол лик на балканската политичка сцена.
„Претседателот Трајковски беше визионер кој што ја сакаше Македонија, ги сакаше граѓаните на Република Македонија и тој многу често на нас во кабинетот сакаше да ни каже – јас сум тука да им служам на граѓаните на Република Македонија, а не тие мене.“ – смета тогашниот шеф на кабинет на претседателот Трајковски, Зоран Јолевски.
По 15 години, местото на несреќата лесно се наоѓа. Ридот над селото Ротимље изгледа поинаку од снимките по кои го паметиме – обраснат е со вегетација. Потсетник за несреќата е спомен-обележјето изградено една година по трагедијата.
Мирено небо, какво што е денеска над „Матиќ брдо“, е важен предуслов за мирен лет. Но, кобното утро на ова место имаше густа магла. Следуваше уште побурен период на истраги со различни информации за причините за падот на авионот, кои донесоа и многу сомнежи.
Малкутемина жители, кои до денес останале во Ротимље, се сеќаваат дека дента имало големо движење во нивното село, дека потрагата потоа се преселила во Столац за утредента повторно да се врати близу нивното село.
„Тоа утро врнеше дожд, но бевме внатре па ништо не слушнавме. Само подоцна видовме и слушнавме на радио и на телевизија, јавија дека паднал авион. Во тие моменти почнаа да доаѓаат одоздола, по нашата улица, полиција, автомобили, СФОР и што знам уште кој дојде тоа утро. Тие одеа горе, кон нашите ридови, бараа, а подоцна се досетија дека таа трагедија се случила над Столац. Тие тој ден одеа таму, над Столац, и таму бараа. Дури следното утро слушнавме дека овде во нашите ридови паднал тој авион.“ – раскажува Сабира Шафро од Ротимље.
Градчето Столац, каде првично го барале авионот, е оддалечено 15-тина километри. Новинарот Нермин Бисе, кој е од ова место, ја потврдува верзијата на жителката на Ротимље.
„Веќе во 09:30 часот јас буквално поминав на неколку километри од местотот на кое паднал авионот, само што тогаш не знаевме дека тука паднал, затоа што сили на СФОР, НАТО-сили, го блокираа приодот кон тоа место.“ – раскажува Бисе.
Се до следниот ден кога на новинарите им е дозволен пристап до местото.
„Долго не го затворав досието „Трајковски“ токму заради нештата кои во истрагата беа по малку нелогични и поради тоа што СФОР не даде своја верзија на настанот, значи СФОР никогаш не кажа зошто дојде до ова, дури не ни коментираа. Тие тоа им го препуштија на институциите на Босна и Херцеговина и комисијата – таа да утврди и заклучи.“ – додава тој.
Во главниот град Сараево изминативе 15 години се формираа две комисии кои спроведоа две истраги и објавија два извештаи. Со првата истрага раководеше Салко Бегиќ, кој во извештајот најмногу се фокусира на „процедурални грешки при приодот за слетување“. Бегиќ поради здравствени проблеми одби да даде интервју за „360 Степени“.
Омер Кулиќ ја спроведе втората истрага, а извештајот беше објавен во 2014-та. Покрај пилотски грешки, тој лоцира и други системски пропусти.
„Ние отидовме толку далеку што воочивме кои биле индиректни и директни причини, зошто нешто се случувало, зошто некој некому дал дозвола за летање, зошто некој некому регистрирал некакво средство, зошто не работеле некои уреди во авионот, зошто организацијата во тој владин сервис е таква каква што била направена. Значи, ние работевме сеопфатно и дојдовме до одредени сознанија и, на крајот на краиштата, до одредени луѓе кои требаше да бидат одговорни за трагедијата што се случи.“ – вели Кулиќ.
Но, и за Кулиќ останало мистерија што се случувало во првите 24 часа по падот на авионот и зошто силите на СФОР не дозволиле пристап веднаш.
„Тие во рок од еден час го пронашле местото на несреќата. Тоа е недвосмислено точно. Тие тоа го прикриваа и криеа. Јас им се обраќав на тие меѓународни сили, но никогаш не добив никаков одговор. Претпоставувам, значи ова е моја претпоставка, дека тие меѓународни сили отишле сѐ да преснимат, да направат некаква своја мини-истрага, дали тие се одговорни за ова. Кога увиделе дека не се одговорни, а навистина не се, јас ги преслушав тие разговори, тие посочија каде е местото.“ – тврди Кулиќ.
Тој го предаде својот извештај на македонското обвинителство, но не знае што се случило потоа.
За судбината на втората истрага прашавме ние. Од јавното обвинителство ни одговорија дека по првиот извештај не е покрената постапка за кривична одговорност, бидејќи немало елементи за такво нешто. Бил разгледан и вториот извештај.
„Притоа, не се утврдени нови докази поради кои би се преотворила истражната постапка за настанот.“ – велат од Обвинителството.
Претседателот Трајковски пред да биде избран на таа позиција беше заменик-министер за надворешни работи. За време на косовската бегалска ја дава познатата изјава со која се зголемува неговата популарност во јавноста.
„Јас ќе ви предложам нешто конкретно. Пратете 100 авиони на скопскиот аеродром и пренесете ги во Стокхолм (бегалците).“
Изјавата е одговор на тогашниот заменик-министер Борис Трајковски на прашање на шведски новинар за нехуман третман на косовските бегалци од македонските институции.
„Мислам дека се работи за најголемиот мит поврзан со Борис Трајковски. Тој вели – еве, ако ние не знаеме, земете си ги за Стокхолм. И тоа воопшто не прозвуче добро кај албанската етничка заедница и со право. Подоцна требаше многу напори да се вложат од негова страна за тоа да го поправи и конечно неговиот избор во ’99-та, контроверзен неспорно, сепак, на неговото конто да донесе огромна бројка на албански гласови.“ – смета Стево Пендаровски, тогашен советник на Трајковски.
Трајковски, како ниеден друг претседател во независна Македонија, успеа да се издигне над интересите на партијата што го предложи за шеф на државата и да делува во интерес на сите граѓани. Особено за време на конфликтот во 2001-та.
„Тој и тогаш државниот интерес и одговорноста ги стави пред партиските релации. Меѓу другото, очигледно дека имаше и јавна конфронтација со тогашниот премиер во месеците на почетокот на кризата 2001 година.“ – вели Никола Димитров, тогашен советник на Трајковски.
„Прилично лесно преминуваше преку партиски линии СДСМ, ВМРО и во албанскиот блок. Тој беше член на ВМРО ДПМНЕ, меѓутоа најблиската група на соработници околу него не беше од ВМРО ДПМНЕ.“ – додава Пендаровски.
Ќе остане запаметен по исклучително блиските односи со тогашниот американски претседател Џорџ Буш и со многу други светски и регионални лидери.
„Трајковски беше таков човек кој што знаеше да направи пријателство со неговите колеги кое што е прво лично, а после и формално како двајца претседатели.“ – вели тогашниот шеф на кабинет на Трајковски, Зоран Јолевски.
„Ние бевме првата криза на тогашната нова американска администрација под лидерството на претседателот Буш. И имавме многу големо внимание во таа смисла, како да се помогне. Во Белата куќа бевме во неколку наврати со претседателот Буш. Имаше многу блиски луѓе и пријатели и во американскиот конгрес.“ – додава Димитров.
Како ќе се поставеше Трајковски во однос на актуелните политички случувања, ако беше жив?
„Баш завчера, кога беше кревањето на знамето пред Владата, се потсетивме со некои луѓе од тоа време кои му беа блиски, јас мислам дека тој ќе беше најсреќен во тој момент затоа што за него прво НАТО, а потоа и Европската Унија, се разбира, беше апсолитен политички приоритет, апсолутен.“ – смета Пендаровски.
„Евроапланските интеграции и членството во НАТО и Европска Унија беа екстремно високо на неговата агенда. Тој секаде се залагаше и кажуваше зошто Република Македонија треба да добие покана и зошто треба да стане членка на НАТО и ЕУ. Во поглед на актуелните политички ситуации, дозволете ми да не одговорам на тоа прашање, бидејќи не би сакал со хипотетички одговор да коментирам како би постапил претседателот Трајковски денеска.“ – рече Јолевски.
„Тој имаше неверојатна популарност надвор, а рејтингот започна да му расте дома откако го загубивме. Значи некогаш не сме свесни што имаме.“ – вели Димитров.
На одбележувањето на Илинден на Мечкин Камен во својот говор претседателот Борис Трајковски рече: „Јас верувам во граѓаните на Република Македонија и убеден сум дека сите заедно ќе го направиме она што историјата, но уште повеќе, иднината го бара од нас.“
Напишете коментар