На Детската клиника има 15 деца што се лекуваат од ковид-19 и ниту едно од нив не е во многу тешка состојба. Директорката на клиниката, Аспазија Софијанова, изјави дека полека се намалува трендот на ширење на заразата и кај децата.
„Во моментот има околу 15 деца со 15 мајки кои се ковид-позитивни. Сите се стабилни. Ги лекуваме поради евентуална можност за компликација и дел од нив веќе ги испишуваме во сосема стабилна состојба. Нема ниту едно дете во загрозувачка состојба“,
изјави Софијанова.
Министерот за здравство Венко Филипче потврди дека епидемиолошката состојба во земјава се смирува и не е детектирана друга форма на вирусот.
„Ако нешто е проширено веќе во европските земји и нема таму помеѓу тие европски земји никакви промени, тоа многу тешко ќе може да се спречи. И тука доаѓа во прв план одговорноста на граѓаните, каква и да е мутацијата, колку и да е пренослив тој сој на вирусот. Во таа смисла нема детектирано кај нас друга форма освен британска, а тоа го покажуваат и последните анализи, на неколку недели ги прават анализите на геномот во двете лаборатории. Така што остануваме на сегашните мерки“,
изјави Филипче.
