Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе изврши вонреден инспекциски надзор за да се утврди дали имало евентуални пропусти во лекувањето
Во раните утрински часови на Детската клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје починало 14-месечно бебе, објави „Слободен печат“. Според првичните неофицијални информации, бебето претходно неколкупати било одбивано за хоспитализација иако неговите родители три пати го носеле во Детската клиника. Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди за Слободен печат потврдил дека бебето починало рано утринава, додавајќи дека се работи на утврдување на причините за смрт.

Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Кирил Лазов изјави дека ДЗСИ ќе направи вонреден инспекциски надзор во сите установи каде 14-месечното бебе било лекувано за да се утврди вистинитоста во однос на тоа дали имало евентуални пропусти во неговото лекување.
„Со цел да се утврди вистинитоста за евентуални пропусти во лекувањето, надзорот ќе се изврши во присуство на одговорните лица на здравствените установи, како и на лекарите кои учествувале во претходно пружање на здравствена заштита. Обезбедената медицинска документација и изјавите на здравствените работници ќе бидат проследени до министерот за здравство и ќе се иницира формирање комисија за стручен надзор“,
рече Лазов.
Од Министерството за внатрешни работи претходно соопштија оти утринава во СВР Скопје е пријавено дека на Детската Клиника В.С (29) кој според информациите е татко на починатото бебе, заедно со неговиот 35-годишен брат Б.С. од село Гошинце оштетиле инвентар во болницата откако починало бебето кое пак било донесено со возило на Итната медицинска помош во болницата еден час претходно.