Нападите се случиле на две одделни места, меѓу другото, во близина на центар за помош поддржан од САД на југот од Појасот Газа

Тринаесет лица се убиени во израелски напади врз Појасот Газа кои се случиле утринава, соопшти портпаролот на цивилната одбрана на Рафа, Махмуд Басал.
Шест од загинатите се убиени во пукотница во близина на центар за помош поддржан од САД на југот од палестинската територија каде се собирале за да добијат хуманитарна помош.
„Околу 7:00 часот утрово, шест лица се убиени, а неколку други се ранети во напад на „израелските окупациски сили“ во близина на кружниот тек Алам, каде што луѓето се собрале за да добијат хуманитарна помош од американскиот центар во јужната област Рафа“,
изјави Махмуд Басал.
Израелските сили според тврдења на очевидци отвориле оган кон цивилите од оклопни возила лоцирани веднаш до центарот, откако илјадници Палестинци се собрале околу американскиот центар за помош. Израелската армија засега не коментира за што точно станува збор, а палестинските власти известуваат и оти седум лица денеска загинале во израелски воздушен напад врз куќа во близина на болницата „Ал Шифа“ во близина на градот Газа.
Американски медиуми јавија за најмалку 22 лица убиени во Газа во текот на ноќта помеѓу петокот и саботата.