Во извештајот на Министерството за здравство на Газа е објавено дека во истиот овој период се повредени 557 лица
Најмалку 120 тела биле доставени во болниците во Појасот Газа во последните дваесет и четири часа, објави Министерството за здравство на Газа. Во извештајот, се наведува дека покрај телата, донесени се и 557 лица кои биле повредени во истиот период.
Додека бројот на жртви и повредени се зголемува од ден на ден, медијаторите кои се вклучени во преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа помеѓу двете завојувани страни – Израел и Хамас, се обидуваат да ги надминат разликите помеѓу двете делегации по еднонеделните индиректни разговори кои се одвиваат во Катар, соопшти денеска неименуван функционер кој е вклучен во разговорите.
„Медијаторите активно бараат да истражат нови механизми за да помогнат во надминувањето на преостанатите разлики и одржувањето на моментумот на преговорите“,
рече тој.
Палестинското движење Хамас, кое владее во Појасот Газа, денеска изнесе серија обвинувања за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека тој прави сѐ за да одбие постигнување на договор за прекин на огнот во Газа.
„Нетанјаху е вешт во пропуштањето на една рунда преговори по друга и одбивањето да постигне договор за прекин на огнот“,
се вели во соопштението на Хамас.
Од октомври 2023 година, кога започна војната во Газа откако палестинското милитантно движење Хамас го нападна јужниот дел на Израел, најмалку 58 386 Палестинци се убиени, а 139 077 се повредени, според палестински извори.