Општина Кисела Вода објави јавен оглас за формирање на Партиципативно тело за изработката на деталните урбанистички планови, со кое треба да се обезбеди инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичко планирање, информираат од општината.
Сите граѓани кои сакаат да бидат дел од партиципативно тело треба да се пријават до 11 февруари во општината.
„Партиципативното тело ќе биде составено од членови на комисијата за урбанизам на Општина Кисела Вода, стручни лица вработени во правното лице што го изработува урбанистичкиот план кој е предмет на расправа, а особено од лица кои се претставници од урбаните и месните заедници, претставници на невладините организации од различните сегменти на урбаниот живот, здруженија на граѓани и граѓански активисти од подрачјето на општината што ги претставуваат различните групи на граѓани, како и граѓани што се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и другите стручни области суштествени за планирањето и одржливиот развој на градот. Партиципативното тело ќе се формира од доброволно пријавени лица на јавниот оглас. Јавниот оглас трае 30 дена од денот на објавувањето на веб страната на Општина Кисела Вода www.kiselavoda.gov.mk и со излагање на истиот во писмена форма на огласната табла во просториите на Општината. До 11 февруари 2021 година, заинтересираните граѓани и правни лица, можат да ги достават своите доброволни пријави за членување во партиципативното тело на шалтерот на Општина Кисела Вода (барака 6), секој работен ден од 08:00 до 16:00“,
велат од Општината.
Градоначалникот Филип Темелковски преку видеообраќање на својот Фејсбук профил рече дека на овој начин општината сака да со смени начинот на носењето на урбанистичките планови, кој како што рече, во минатото беше и се уште е штетен за граѓаните.
„Ние сме меѓу првите општини кои го пуштија огласот за креирање на партиципативно цело, со кое што граѓаните ќе можат да бидат директно инволвирани во носењето на новите урбанистички планови во општината. Апел до сите граѓани кои во изминатиот период активно учествуваа во работењето на општината, да земат учество во ова тело. Само со заеднички напори и вклучување на сите институции може да донесеме планови кои ќе бидат во интерес на нашите граѓани“,
порача градоначалникот.
