Прашан дали главниот излез ги задоволувал безбедносните стандарди, Стојков рече дека во моментот не може да се сети на димензиите, но посочи дека немало ракофат за отворање на врата кон надвор. За главниот влез кажа дека не може да тврди дали вратата била отворена или не бидејќи полицијата во тие моменти вршела контрола. За задната врата рече оти не ги исполнувала стандардите за евакуација, одозгора немала панично светло, но можела да послужи за евакуација доколку не била заклучена и запечатена од другата страна со стиропор. Додаде и дека на прозорецот од женскиот тоалет имало решетки
Болно е малку прашањето. Прво, имаше црнила, саѓе, уште што немаше пред влезот. Но, кога влеговме внатре, имаше само два противпожарни апарати, што е недозволиво според квадратурата. Ова го кажа сведокот Дарко Стојков, вработен како инспектор во подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Виница, кој прв даваше исказ на денешното продолжение од судскиот процес за пожарот во „Пулс“, во кој пред една година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Тој со уште тројца инспектори на ДЗС од Пробиштип, Берово и Струмица биле дел екипата што вршела увид во објектот по трагичниот пожар.
Одговарајќи на прашања на Обвинителството, сведокот кажа дека во „Пулс“ хидрантот за вода бил празен, немало црево, ниту дојавувачи односно аларми за пожар. Најболната работа, рече, било тоа што задната врата била заклучена.
„Од внатрешната страна немаше квака, плус долу беше заклучена со катанец. Тоа можеше да се забележи иако беше разбиена од пожарникарите при гасењето на пожарот”,
рече сведокот.
Прашан дали главниот излез ги задоволувал безбедносните стандарди, Стојков рече дека во моментот не може да се сети на димензиите, но посочи дека немало ракофат за отворање на врата кон надвор. За главниот влез кажа дека не може да тврди дали вратата била отворена или не бидејќи полицијата во тие моменти вршела контрола. За задната врата рече оти не ги исполнувала стандардите за евакуација, одозгора немало панично светло, но можела да послужи за евакуација доколку не била заклучена и запечатена од другата страна со стиропор.
Додаде и дека на прозорецот од женскиот тоалет имало решетки.
Во однос на просторот до кој води задната врата, кажа дека бил несоодветен за евакуација бидејќи станувало збор за тесна тревна површина што завршувала во брег. Поради ваквата конфигурација на местото бил оневозможен пристап на Итната помош и Противпожарната служба.
Според класификацијата, сведокот рече дека по она што можело да се види на социјалните мрежи во случајот на „Пулс“, станува збор за отворен пламен кој бил предизвикан, како што кажа, најверојатно од прскалките кои го запалиле платното на таванот над бината.
„Пламенот се шири брзо со оглед на тоа што таванот и прозорците биле заѕидани со стиропор”,
кажа инспекторот.
Според него, во објектот морало да има минимум четири противпожарни апарати, ако се земе предвид квадратурата, од кои секој со посебна намена.
Пропустите, како што можеше да се заклучи од неговото сведочење, не биле констатирани од Дирекцијата за заштита и спасување, затоа што оваа институција со години нема инспектор во Кочани.
Имено, претходно во сведочењето тој наведе дека во подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Кочани нема инспектор откако последниот што бил на таа функција заминал во пензија пред повеќе од десет години.
Одговарајќи на прашања на Обвинителството, Стојков ги појасни своите надлежности, нивниот опсег, како и начинот на спроведување на контролите во објекти.
Рече дека тој како инспектор во Виница немал надлежност да врши инспекции во Кочани.
За редовни и вонредни контроли, како што кажа, била неопходна наредба од генералниот инспектор, директорот или заменик-директорот на ДЗС.
„Наредбите се вршат по годишните и месечните планови, а вонредните по стасана пријава или иницијатива, како и по наредба на генералниот инспектор, директорот или заменил-директорот”,
рече сведокот.
Тој појасни дека правните субјекти биле должни до општината да достават планска документација за заштита од природни непогоди, заштита од пожари, план за евакуација, одела на мислење и согласност до ДЗС.
Овие документи биле дел од условите што треба да ги исполнат правните субјекти за да добијат дозвола за работа. Одговарајќи на прашање, инспекторот рече дека доколку утврди дека има пропусти, при надзор на самото место, може да изрече забрана за работа додека недостатоците не се поправат.
„Во клубот ‘Пулс‘ не е вршен надзор од моја страна бидејќи јас сум инспектор во Виница и немам надлежност во Кочани. До моментот на настанување на пожарот во подрачното одделение во Кочани нема вработено инспектор за заштита и спасување. Претходниот колега Благој Јанев е во пензија од 2012 или 2013 година и откако е тој во пензија Кочани нема инспектор заштита и спасување”,
рече сведокот.
Прашан дали некогаш разговарал со надредените за недостатокот на инспектори во Кочани, сведокот рече дека на состаноци било разговарано оти ваков кадар не недостасува само во овој град, туку и во Штип, Гевгелија и други градови.
Сепак, како што додаде, нема информација дали потоа се презело нешто за надминување на ваквата состојба.
„Можеби е барано, но не е одобрено, немам такви сознанија”,
рече тој.
За недостатокот на инспектори, во одговор на прашање, рече дека разговарал со генералниот инспектор Љупчо Грнчиштанов, кој потоа ги проследувал заклучоците од дискусиите директорите на ДЗС.
Грнчиштанов е еден обвинетите за пожарот, како и Шабан Салиу, Беким Максути, Џеват Селами и Андан Џаферовски, кои изминатите години ја вршеа функцијата директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
За време на сведочењето на инспекторот одбраната на обвинетите имаше бројни приговори, на кои, пак, реагираа дел од родителите на загинатите.
Во однос на барањето за укинување на куќниот притвор на обвинетиот поранешен градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, Обвинителството во досегашниот тек на рочиштето не даде свое мислење.
