Сегашниот министер за транспорт и врски, од чиј ресор излезе новото законско решение за легализација на дивоградби, во 2015 година, како опозиционер и претседател на комисија во СДСМ, ја критикуваше тогашната власт на чело со Груевски дека донела штетен и апсурден Закон за постапување со бесправно изградени објекти
Очигледно, на крајот од мандатот, власта на Груевски гледа да приграби се што може. Владејачкото мнозинство експресно си изгласа можност за легализација на дивоградби што се изградени во крајбрежни заштитени подрачја, покрај природни и вештачки езера, речни корита и слично. За полесна легализација, со спорните измени е предвидено да се прескокнат локалните самоуправи и Министеството за животна средина.
Вака актуелниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски, пред околу шест години, го критикуваше тогашното владејачко мнозинство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, додека премиер беше Никола Груевски, откако тогашниот парламент ( во кој СДСМ беше во опозиција и речиси една година не учествуваше во неговата работа), донесе Закон за постапување со бесправно изградени објекти, во „пакет“ со уште стотина други закони што беа изгласани по скратена постапка.
„Само за неколку дена, власта на Груевски направи измени по скратена постапка на над 250 закони, меѓу кои и на Законот за постапување со бесправно изградените објекти. Само вчера беа направени измени на 120 закони по скратена постапка и сега е јасно зошто. Да се присвои се што може пред враќањето на опозицијата во Собранието, која вакво насилие врз грбот на граѓаните нема да дозволи. Ова ќе предизвика големи штети врз природните богатства, но ќе се создаде и урбанистички хаос од кој за интересите на поединци ќе страдаат голем број граѓани“,
изјави Бочварски, на прес-конференција во авгус 2015 година, непосредно пред враќањето на опозицијата во Собранието, а од позиција на претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.
Бочварски, како опозиционер, предупредуваше дека објектите што ќе бидат легализирани нема да бидат вклопени во планската документациј и за нив нема да биде формирана градежна парцела.Со тоа што ваквите објекти нема да влезат во урбанистичките планови, како што предупредуваше, во реоните во кои се наоѓаат нема да биде можно да се градат водоводи, канализации, улици, патишта и ќе се закочи целиот развој на регионите околу езерата.
„По стапувањето на сила на ова криминално решение, следно што може да се очекува се нови приватни плажи на брегот на Охридското Езеро и тоа во моменти кога од албанска страна се рушат објектите на брегот на езерото, за и појасот на плажите да се стави под заштита на УНЕСКО. Предупредуваме дека последиците од реализацијата на штетниот и апсурден закон може да бидат катастрофални“,
алармираше во тоа време сегашниот министер за транспорт и врски и поранешен градоначалник на Штип.
На истата прес-конференција, Бочварски порача и дека кога СДСМ ќе дојде на власт ќе ги ревидира и укине сите законски решенија што ги донела владата на ВМРО-ДПМНЕ а кои, како што велеше, се на штета на граѓаните и на државата. Но, наместо тогаш најавеното ревидирање, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ оваа седмица заедно изгласаа измени на Законот за за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти, кој, меѓу другото, предвидува и да да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти.
Предлагач на Законот е Владата, преку Министерството за транспорт и врски, на чело со Бочварски. Сепак,, решението кое предвидува своевидна амнестија за дела поврзани со бесправно градење е внесено во Законот преку амнадман поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Минатиот месец, Бочварски, во интервју за „360 степени“, изјави дека предлог-законот за легализација на бесправно изградени објекти ќе предвидува и казнени пенали, со што би се одвратиле граѓаните да влегуваат во такви постапки и да градат нелегални објекти.
Против последните законски измени, што беа изгласани неделава, се дел пратеници од помалите партии од коалицијата на СДСМ, кои побараа од претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот за нивно стапување во сила.
Пендаровски вчера го стави првото претседателско вето, токму на Законот за легализација на дивоградбите, посочувајќи дека тој е спротивен на Уставот.
Потегот на Пендаровски наиде на неодобривање од премиерот Зоран Заев, кој изјави денеска дека Законот за легализација на дивоградбите се носи за да се спасат преку 50 000 домови на граѓани кои живеат под прагот на сиромаштијата.
Од друга страна, дел од опозицијата го поздравува чекорот на Пендаровски. Според опозициската коалиција Алијанса/Алтернатива, „македонската влада и опозицијасе обидоа да прошверцуваат легализација на урбаните злосторства“.