Според Мицкоски, Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција
Плодна и пријателска – вака премиерот Христијан Мицкоски ја опишува денешната куса средба со неговиот унгарски колега Виктор Орбан во Охрид.
„Имав плодна и пријателска средба со унгарскиот колега Виктор Орбан. Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка“,
напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Унгарија, додава Мицкоски, во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет.
„Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво“,
додава Мицкоски.
Според Мицкоски, Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција.
Средбата на двајцата премиери беше пред одржувањето на меѓувладината конференција, а веднаш потоа се очекува Мицкоски и Орбан да одржат прес-конференција.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан со 10-ина министри вчера пристигна во Охрид каде што на аеродромот „Свети Апостол Павле“ беше пречекан од речиси цел македонски владин состав.
За време на посетата на унгарската делегација на земјава планирани се и билатерални средби меѓу членовите на владите.
На маргините на дводневната посета предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата „Богородица Перивлепта“, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на свети Кирил и Методиј во Охрид.