Планинарот е безбедно извлечен од планински снежен повисок дел на Шара и со возило на Итната медицинска помош пренесен до Клиничката болница во Тетово
Двајца чешки планинари, од кои едниот е повреден при скијање на Попова Шапка, вчеравечер се спасени во координирана акција на Системот за управување со кризи, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Вчера попладне во 16:42 часот на бројот 112 е добиена пријава од чешки планинар скијач дека еден негов колега, планинар и скијач, е повреден додека планинареле и скијале на Попова Шапка и дека им е потребна помош“, велат од ЦУК.

Откако ги добиле координатите за локацијата на повредениот новинар, спасувачите со специјализирано возило – ратрак се упатиле да го извлечат повредениот планинар и да го превезат до центарот „Попова Шапка“.
„Планинарот е безбедно извлечен од планински снежен повисок дел на Шара и на првата можна точка за преземање на асфалтен пат е префрлен во возило на Итна медицинска помош до Клиничката болница во Тетово“, се вели во соопштението на ЦУК.
Во акцијата, преку Секторот за операции и координација на ЦУК, биле вклучени и ЈП „Национален парк ‘Шар Планина’“, Итната медицинска помош, „Елем турс“, државната компанија што стопанисува со Попова Шапка, Полициската станица Попова Шапка и Дирекцијата за заштита и спасување Тетово.